Од Битола колку еден саат на зајсонце ет киселата вода и стребрената помеѓу селата Букоо и Крстоор. Изворот од киселата вода ет покриен со плочи и имат дупки во плочите, од кај што леат вода тие што одаат да пијат. Чудна е вистина киселата вода од Битола, чунки многу луѓе што пиле нашле сељамет од неа. Во целото лето одаат битолчани тамо: болни и неболни за да се лекуаат; од маја коа ќе заодат, да дури е времето топло, се одаат луѓето. He само болни одаат ами и здрави. Ако пиеш од киселата вода малку, не сеќааш ништо, ама ако пиеш многу, ќе те сурдиса понадвор и ќе те очисти од секаков мараз што би имал.
Секој што ќе одел да пиет од киселата вода, се ќе остаел пара стара и нишан од алиштето за здравје да му даит водата.
Кај што истечуа киселата вода, по браздата сета земја е запсана со една боја: жолта-црвена.
Стребрената вода. Стребрената вода ет далеку од киселата колку педесет чекори. Така ет заѕидана со еден ѕид наоколу изворот. За еден камен воденички има да мелит водата што извират. Нема во целата Битола послатка од таа вода. И кај неа одат луѓе и се мијат за од секакви болести, а најпоеќе од очи болести. И тамо оставаат стара пара и нишан.
Близу до стребрената вода имат едни темели од стара јапија, се од тула и оросан; се велит оти таа била како за тарапаана, чунки околу стребрената вода имало едно место копано како за руда стребрена да се вадила.
(* Навистина треба чоек да се чуди со тоа место до градо Битола или стара Битола, покрај Букоо и Крстоор, по тие чудесни изурнати стари јапии.
Пред годиње имаше у нас еден еќим што го викаа Џиванакија; тогај видовме рисјанин да води две жени, кокони, мислам оти тој ќе беше Немец.
Џиванакија копа во Прилеп на некои места да бара азно, според како мислевме ние тогај; у нас ништо не најде. Откај нас отиде во Битола и тамо копал во букоското, тамо нашол некој антики од камен.
Освен тој, мнозина Френци и Немци ошле во тоа место букоското и копале по лозјата, та нашле луѓе од мермер делкани: мажи, жени и деца. Едни од нив си ‘и зеле, а пак едни и остаиле. Co изим од правителството турско.)
Преземено од:ПРЕДАНИЈА, Книга седма
Автор: Марко К. Цепенков
Редактирал д-р КИРИЛ ПЕНУШЛИСКИ
Соработник БЛАЖЕ ПЕТРОВСКИ
Издавачи МАКЕДОНСКА КНИГА ИНСТИТУТ ЗА ФОЛКЛОР
СКОПЈЕ -1980