Незаборав 2026 е посветен на познатиот битолски автор Милко Лозановски кој остави трага во македонската музика. Меѓу попознатите песни се „Битола ме вика“, во изведба на Петранка Костадинова на фестивалот „Валандово ’86“, „Свири стара тамбуро“, изведена од групата „Боеми“ на „Интерфест 1992“, „Еј, соколе“ на „Битолски конзули“ од „Валандово ’93“, „Рибари стари другари“ во изведба на Цветанка Ласкова изведена на „Охридски Трубадури ’95“ и други познати композиции.
Сценариото и водителската улога се на Силвана Петрова Насух, додека автор на проектот е Панде Димитровски.
Манифестацијата „Незаборав“ низ годините беше посветена на бројни значајни автори, изведувачи и музички проекти, меѓу кои Сашка Петковска, Јонче Христовски, Пепи Бафировски, Лупчо Спасеновски, Добри Ставревски, Гоце Николовски, Миле Шерденков, „Битолчани на Валандово“, „Битолски конзули“, Драган Каранфиловски – Бојс, „Песни за Битола I дел“, „Песни за Битола II дел“, „Интерфест 92–96“, Тоде Новачевски, како и изданието „15 години ретроспектива“.
„Незаборав“ уште еднаш потсетува на вредните музички творештва кои остануваат дел од културното и музичкото наследство на Битола и Македонија. Незаборав е во рамките на Битолското културно лето „БИТФЕСТ 2026“.
Creative Production – Битола



