Лерин (грчки: Φλώρινα / Florina) е живописен град во северозападниот дел на Грција, сместен во долината на реката Сакулева, во близина на границата со Македонија. Познат е по својата традиционална архитектура, камените мостови, шарените куќи покрај реката и пријатната атмосфера на старото градско јадро. Градот Лерин е седиште на истоимената општина која има население околу 20.000 жители.



Градот има интересна историја, културни знаменитости и бројни кафулиња и таверни. Поради близината до Битола, Лерин е одлична дестинација за еднодневна екскурзија, прошетка, разгледување и уживање во локалната гастрономија.
Растојанието од Битола до Лерин е околу 35 километри, а патувањето со автомобил обично трае околу 30-40 минути, зависно од граничниот премин и сообраќајот.
Лерин претставува одлична дестинација за еднодневна посета, нудејќи можност за исполнет ден со разновидни содржини – од разгледување на значајните културно-историски знаменитости и природни убавини, преку прошетка низ старото градско јадро, до запознавање со локалната архитектура, култура и гастрономија.

Реката Сакулева и старото градско јадро
Реката Сакулева (грчки: Σακουλέβας, Сакулевас, во Македонија Јелешка Река) извира од планината Баба и тече низ градот Лерин, потоа свртува на север и минува низ селото Сакулево (чие име го носи), по што преоѓа во Македонија и се влева во Црна Река над селото Брод, Општина Новаци, каде е позната како „Јелешка Река“.
Може да се каже дека прекрасно уредениот кеј на реката Сакулева е и најпрепознатливиот дел на Лерин, со старите мостови и традиционалната архитектура која е идеална за фотографирање.

Главна пешачка зона
Главната пешачка зона со кафулиња, продавници и места за одмор малку наликува на Широк Сокак во Битола и е одлично место за краток одмор, утринско кафе или шопинг во центарот на градот.

Музеј на современа уметност
Сместен во стара градска зграда покрај реката, музејот содржи дела од грчки и странски уметници и е добар избор за посетители заинтересирани за уметност и култура.
Црква „Св. Пантелејмон“
Црквата „Св. Пантелејмон“ е еден од позначајните верски објекти во Лерин. Првобитниот храм бил изграден кон крајот на XIX век, а во 1949 година претрпел сериозни оштетувања за време на Граѓанската војна во Грција. При обновата во почетокот на 1950-тите години, биле направени значителни измени во архитектурата на објектот, а биле отстранети и словенските натписи под иконите.

И покрај тоа што храмот бил во добра состојба, во 1971 година бил урнат, а на негово место бил изграден денешниот храм, кој свечено бил осветен на 27 јули 1972 година.
Археолошки музеј на Лерин
Археолошкиот музеј во Лерин е значајно културно-историско место, кое овозможува запознавање со богатото минато на регионот преку археолошки наоди од различни историски периоди.



Музејската поставка нуди увид во животот, културата и традициите на населението што живеело на овие простори, што го прави музејот интересна станица во рамките на еднодневната туристичка тура.
Во овој релативно мал музеј, во модерно реновирана музејска поставка се прикажани експонати од праисторискиот, античкиот и византискиот период, кои што сведочат за историскиот развој на регионот.





Особно интересна е секцијата посветена на археолошките ископувања на базиликата Св. Ахил, на истоимениот остров и фрагментите од живописот кои се изложени во музејот.
Ридот и крстот над Лерин
Ридот „Свети Пантелејмон“ е одлично место за љубителите на природата и панорамските погледи. Од ридот се отвора поглед кон градот и околните планини.

Зоолошка градина
Зоолошката градина во Лерин е пријатно место за одмор, рекреација и дружење со природата. Ова место е особено интересно за децата, кои имаат можност одблизу да го запознаат животинскиот свет и да ја развијат љубовта кон природата.




Локална гастрономија
Посетата може да се заокружи со ручек во традиционална таверна. Лерин е познат по црвените пиперки, јадењата со локални производи и традиционалната грчка кујна.
Практични информации
- Од Битола до Лерин и обратно, нема огранизиран јавен превоз. Најдобар начин на транспорт е сопствено возило или Rent a Car…
- Граничен премин Меџитлија – во одредени денови во летните месеци можна е гужва на граничниот премин. Пред тргнување, проверете ја состојбата преку камерата во живо. Предвидете дополнително време за граничниот премин.




