Битола во периодот на Балканските војни и Првата светска војна

Во почетокот на 20 век, Битола била еден од најзначајните административни, воени и културни центри на Отоманската империја. Позната и како град на конзулите, Битола била крстопат на интереси, идеи и влијанија — но и град кој неминовно ги чувствувал потресите на времето.

Политичките превирања, националните движења и слабеењето на империјата ја вовлекле Битола во вителот на нестабилноста што го зафатила целиот регион. Илинденското востание, судирите на пропагандите и крајот на османлиската власт ја нарушиле секојдневната рамнотежа на градот и неговото население.

Со Балканските војни, Битола била директно погодена од воени разурнувања, бегалски бранови и економски колапс. Веќе значително ослабен, градот се соочил и со нова, подмолна закана — заразните болести, кои лесно се ширеле меѓу цивилното население и војската, оставајќи длабоки траги врз здравјето, демографијата и секојдневниот живот.

Повеќе: Фото галерија – Битола за време на Балканските војни…

Набрзо потоа избувнала Првата светска војна. Иако на почетокот Битола била оддалечена од директните борбени дејствија, војната длабоко навлегла во секојдневието. Регрутацијата ја ослабнала работната сила, реквизициите го нарушиле земјоделството и снабдувањето со храна, а и така малиот медицински персонал бил ставен во служба на војската, оставајќи го цивилното население речиси без здравствена заштита.

Во октомври 1915 година, по претходно преговарање и пазарење со двете страни, Бугарија се приклучила во војната на страна на Централните сили. Српската војска, опколена од повеќе страни, се повлекла преку Албанските планини во трагичен марш кон јадранските пристаништа и островите во Грција. Македонија сега била окупирана од Централните сили, а набрзо по границата со денешна Грција, бил формиран новиот Солунски, односно Македонски фронт, кој во 1916 година ја поставил Македонија во срцето на големите воени судири.

Повеќе: Фото галерија – Битола за време на Првата светска војна…

Со офанзивата на силите на Антантата во летото и есента 1916 година, Битола била освоена и фронтот се приближил до самиот град. Со околу 25 до 30 илјади жители, Битола се нашла директно на фронтовската линија. Во градот биле распоредени сојузнички трупи, додека германските и бугарските сили се наоѓале на околните планини, на само неколку километри.

За разлика од многу градови во Западна Европа, цивилното население на Битола не било систематски евакуирано. Луѓето останале заробени во градот, изложени на постојано гранатирање. Така, Битола станала редок пример на европски град каде цивилниот живот со години се одвивал директно на фронтот — со далеку поголема колатерална штета и човечки жртви.

Во наредните речиси две години започнало најмрачното поглавје во историјата на градот. Битола била секојдневно изложена на артилериско и воздушно бомбардирање, со разурнувачки, запаливи и гасни проектили. Границата меѓу воениот и цивилниот простор целосно исчезнала.
Храната станала реткост, дрва за горење се обезбедувале од урнатините, медицинска помош речиси и да немало, а заразните болести продолжиле да косат. И покрај тоа што фронтот бил во голема мера статичен, гранати морало да се трошат. Зад нив стоела и една друга војна — економска: жито, заеми, муниција и долгови што ја хранеле машинеријата на војната и создавале нови центри на светска моќ.

На 15 септември 1918 година, со пробивот на Македонскиот фронт на Добро Поле, започнал крајот на војната. Следеле капитулациите на Бугарија, Отоманската империја и Австро-Унгарија, а на 11 ноември 1918 година било потпишано примирјето со Германија.

Но страдањата не завршиле со мирот. Шпанскиот грип, олеснет од раздвиженоста на војските и населението, одзел десетици милиони животи ширум светот. Во Македонија, точниот број никогаш не бил утврден, но тогашна Србија, во чии рамки се наоѓала и Македонија, бележела една од највисоките стапки на смртност во Европа.

Војната оставила зад себе сираци, осакатени луѓе и опустошена земја. Полињата биле претворени во гробишта, куќите разрушени, а обнова била речиси невозможна поради недостиг од луѓе, материјали и средства. Биле потребни долги години за животот да почне да се враќа во некаква нормала.

Но ни тогаш војната не исчезнала целосно. Неексподираните гранати со години продолжиле да земаат животи во околината на Битола — тивка, скриена закана по замолчувањето на топовите.

И затоа, оваа приказна не е само за минатото. Таа е опомена.

Битола не била само фронт — таа била дом.

Дом на луѓе чии животи биле скршени во војна што не ја избрале.

Денес, кога чекориме по истите улици, важно е да се сеќаваме: мирот не е поклон. Тој е избор. Одговорност.

Зашто градовите се обновуваат.

Куќите се градат повторно.

Но човечките животи — никогаш.

 

Автор на текстот: Јове Парговски, bitola.info

Share your love