Сместена во строгиот центар на градот со своите 32 метри, Саат кулата е најпрепознатливото обележје на Битола. Според некои историски записи, саат кула во Битола се спомнува уште во 1664 година, но не е утврдено дали се работи за истиот објект. Во недостаток на попорецизни информации, се смета дека денешната Саат Кула била изградена истовремено со блиската црква Св. Димитриј некаде околу 1830 година.
Цртеж од Едвард Лир – 1848 г – Битола со реката Драгор и Саат Кулата
E.Therond, Битола 1875
„Постои легенда дека Турските власти собрале 60,000 јајца од локалното население од Битола и околните села, кои требало да се употребат во малтерот при изградбата на Саат кулата. Со тоа градителите сметале дека ѕидовите ќе бидат многу поцврсти. “
Саат кулата на разгледница од 1908
До 1912 Саат кулата го мерела времето според “А ла турка” по што било воведено модерното мерење на времето „А ла франга“.
Пекмез пазар со Саат кулата во 1915
„Пекмез пазар се наоѓал околу околу Саат кулата и бил срушен во 1947 г. Тоа било местото каде можеле да се најдат безброј ориентални десерти како баклава,кадаиф, пекмез и др, и каде биле сместени најубавите чајџилници и слаткарници во Битола“
Саат кулата во 1917
Првиот бројчаник и саатен механизам биле произведени од германската компанија “Konfage” и биле поставени во 1927 година. Лицата задолжени да ги удираат камбаните биле заменети со сајџии кои биле задолжени за одржување на саатот и сатниот механизам. Основата на овој бројчаник била бела со црни броеви и стрелки.
Во знак на благодарност за изградбата на Спомен гробницата на германските војници загинати во Првата светска војна, од Германија стигнал нов саатен механизам во 1936 год. , кога биле поставени и нови 15 ѕвона, тешки 900 кг и нов поголем бројчаник. Саатниот механизам е реновиран во 1962 година а во 1970 година поставена е клавијатура на која биле изведувани нови композиции како ”Битола Бабам Битола”, ”Билјана платно белеше” и др.
Денес Саат кулата е еден од најрепрезентативните белези на Битола и меѓу најпосетените туристички локации.