Градот Битола се наоѓа во крајниот југозападен дел на Република Македонија, во подножјето на планината Баба со врвот Пелистер (2601 м) непосредно до грчката граница која е оддалечена 13 км. Битола на север е опколена од четири поврзани ридови, со височина од 640 до 890 м, наречени Баир, кои се дел од Облаковско-снеговската планина (1430 м).
Од југ, градот е заграден со ридот Тумбе Кафе, со височина од 744 метри кој е огранок на повисокиот планински локалитет Неолица, а таа пак е дел од пространата Баба Планина.
Кон исток, Битола е широко отворена кон котлинското дно на Пелагонија, а кон запад, кон флувиоглацијалните наноси на реката Драгор, широката ѓаватска преграбенска долина и високиот Пелистер. Теренот на кој лежи Битола е наведнат од 715 до 585 метри, од запад кон исток, односно од Пелистер и Баба Планина кон пелагониската котлина, и тоа од 710 до 590 метри со што градот има средна надморска височина од 650 метри. Овие разлики во височините битно влијаат на изгледот на градот и структурата на градскиот пејсаж.
Од една страна градот е сместен на рамничарскиот предел, а од друга страна на ридско земјиште и плавински материјал. Битола се наоѓа во зона каде се допираат две различни полјоделски целини, полјоделско-градинарска на исток, североисток и југоисток и овоштарско-градинарска и сточарска зона на запад и југозапад.
Градот Битола се протега на следните координати: од 21о 18‟20” до 21о 22‟11” источно до Гриничкиот меридијан (ИГД) и од 41о 00‟00” до 41о 03‟20” северно од Екваторот (СГШ). Административно гледано, градот Битола е седиште на Општината Битола, но и главен регионален центар за југозападниот регион на Република Македонија.
Општи Информации
- Држава – Република Македонија
- Градоначалник – Тони Коњановски
- Прекар – Град на конзулите
- Мото – Битола, бабам Битола
- Поштенски код – 7000
- Повикувачки број – (+389) 047
- Автомобилска ознака – BT
- Светци заштитници – Свети Нектариј Битолски
- Координати – 41°01′55″N 21°20′05″E
- Временска зона – GMT +1
- Стари имиња – Обител; Манастир
- Површина – 320 km²
- Надморска височина – 576 m
- Електрично напојување – 220 V; 50Hz
Растојание од Битола до некои Европски дестинации:

- Скопје- 168 km
- Охрид – 69 km
- Анкара (Турција) – 1,347 km
- Атина (Грција) – 574 km
- Белград (Србија) – 572 km
- Истанбул (Турција) – 900 km
- Приштина (Косово) – 254 km
- Софија (Бугарија) – 352 km
- Солун (Грција) – 217 km
- Тирана (Албанија) – 214 km