Утрото во 10 часот на 18 април 1922 година на третиот ден Велигден, силна експлозија ги стресе битолчани. Градот го зафати паника затоа што се случи она од кое многумина стравуваа и предупредуваа. Опасноста доаѓала од големата количина на муниција која била складирана на отворен простор во близина на Железничката станица, пред Црвената и Белата касарна (денес Градски парк). Експлозиите кои следувале, биле уште пострашни и го натерале населението во бегство кон селата северно од градот. Во текот на денот почнал да дува и ветер кој помагал во ширењето на пожарот кој траел скоро една седмица, а вистинска опасност претставувале гранатите од голем калибар и оние со задушливи гасови, кои за среќа првично не биле зафатени од експлозијата. Покасно благодарение на пожртвовноста и досетливоста на поединци, пожарот бил изгаснат, а градот и жителите кои останале, биле спасени.

Муниција остаток од Првата светска војна
Познато е дека Битола за време на Првата светска војна се наоѓала на самата фронтова линија на Македонскиот фронт, каде од двете страни биле стационирани околу милион и двеста илјади војници и огромни количини воен материјал. По војната, воениот материјал од Битола и околината бил собиран на едно место, во самиот град, веднаш до железничката станица. Бил класифициран на лесна пешадиска и артилериска муниција складирани во просторот во и околу Касарните (денешна Спортска сала) и тешка муниција и други експлозиви (веројатно и гасни бомби) складирани во близина на Офицерски дом. Во близина имало и магацин за брашно и путер [1].
Нема информации која била крајната дестинација и што се планирало со сета таа муниција, но според дел од весниците во тоа време, никој не може да ја објасни неажурноста на властите, и зошто и покрај предупредувањата, и несреќите кои се случувале претходно, воениот материјал се чувал толку долго на тоа место. Дел од весниците пишуваат за коруптивни зделки и за тоа како по заминувањето на Француската војска, генералите на новата држава СХС откупиле огромна количина на стара муниција, која еве едноставно стоела во Битола, а во меѓувреме се правеле други набавки [2]. Оваа огромна количина на муниција, која според тогашните проценки била околу 400 вагони и претставувала вистинска закана за градот, кој тукушто почнал да се опоравува од Првата светска војна.
Големата експлозија на складот за муниција
Првата експлозија се случила утрото во 10 часот, по што дожд од камења и метал се истурил врз градот. Сите претпоставиле од каде доаѓа експлозијата, затоа што слични инциденти но со помал интензитет се случувале и претходно. Но оваа експлозија била значително појака и само трезвеноста на битолчани и искуството кое го стекнале за време на бомбардирањето во ПСВ, помогнале да се намалат штетите. Брзо биле отворани прозорците и вратите во домовите, затоа што во вакви случаи особено опасен е воздушниот притисок кој се создава од експлозиите и распрскувањето на стаклата на прозорите кои стануваат секундарни проектили. Според весникот Време (21.04.1922) прозорите на сите куќи биле искршени, а на оние близу до експлозијата биле искршени и вратите. На поштенската зграда која била оддалечена 2 км од експлозијата, биле искршени сите прозорци и врати [3].
Дел од населението веднаш се дал во бегство, а дел прво се скрил во подрумите, но по експлозиите кои следувале и биле значително појаки, дел се упатиле кон селата северно од Битола. Според весникот Политика (21.04.1922), меѓу првите кои побегнале биле и претседателот на Општината, Драгиќ Пауновиќ, општинскиот крем, неколкуте нижи и виши офицери, кои весникот ги нарекува „бабини јунаци”, кои „побегнаа веднаш штом се случи експлозијата и до овој час се немаат вратено во градот”[4].




Важно е да се нагласи присебноста на дел од оние кои останаа во градот и го спречија неговото целосно уништување.
Имено, по експлозијата започнал страшен пожар кој ги зафатил касарните и околните објекти и поради јакиот ветер пожарот се заканувал да се прошири кон гранатите од голем калибар и другите „експлозивни материјали“ сместени во делот кај Офицерски. Според дописникот од весникот Време на 20 април пожарот веќе беснеел околу 40 часа и доближил на само 20 метри од местото каде се чувале германските гранати од голем калибар. Според Командантот на Битолската Дивизија „Доколку пожарот го опфател делот со тешката муниција, цела Битола имало да лета во воздух“[3].

Војската, полицијата и дел од локалното население очајно се обидувале да го стават под контрола пожарот, а според весникот Политика (26.04.1922) „колосалната идеја која ја спасила Битола“ дошла од општинскиот службеник Хасан Риза, кој предложил да се поплави местото на експлозијата, со помош на водата од реката Курдерес и сите потоци кои можеле да се пренасочат кон Касарните [5]. Среќна околност била таа што Курдерес во овој период бил полн со вода, па така предлогот бил прифатен и веднаш се започнало со рушење на преградите на реката и делот кај Касарните бил поплавен, главниот пожар изгаснат и градот спасен. Битката продолжила и понатаму кај магацинот со маст и брашно кој уште горел, и кој иако не претставувал голема опасност, од истиот се ширела непријатна миризба и чад.
Јасна слика за разрушувањето кое го претрпела Битола дава дописникот на весникот Политика, Белград од 26.04.1922:
„Кога доаѓајќи за Битола од Прилеп стапнете во градот, сретнувате веднаш и насекаде купишта од присобрани исркшени стакла, малтер, парчиња герамиди, ќунци, тули, дрвенарија и парчиња од распрснати гранати. Ни на една куќа нема здраво прозорско стакло. Во работилниците железните ролетни искинати се како да се од хартија. Покривите на многу куќи се испревртени, а ѕидовите или нивните делови се урнати. Расфрлениот намештај внатре изгледа неверојатен. Влегував во многу куќи. Мебелот во нив, скоро набавен, нов, упропастен е сосема или скоро упропастен. Таваните се испопаднати. Од ѕидовите се одлепил малтерот и варот и се гледаат тулите. По кафеаните упропастени се кенлераите, огледалата, а сликите испаднати се на подот и искршени се. Во кaфеаната „Москва” не остана ништо здраво. Дури и масите и столиците се разлетаа од едниот на другиот крај, раздробувајќи се.
Местото на експлозијата претставува хаос од урнатини. Изгорените куќи со своите поцрнети ѕидишта, кои штрчат над урнтините изгледаат страшно и жалосно. Стеблата покрај теснолинејката пресечени се од експлозијата на средината. Шефот на станицата живее во еден вагон од трета класа. Полјанката меѓу железничката станица и Црвената касарна покриена е со вода.
Избирајќи суви места на кои има се уште неексплодирани гранати на секој чекор, отидов со окружникот началник до местото каде што имаше муниција и каде што се случи експлозијата. Тоа денес претставува една огромна дупка долга 200, широка 50, а длабока 12 метри. Дупката од сите страни окружена е со брегови од исфрлена земја, парчиња од распрснати гранати и пепел. Магацинот за брашно и маст изгорен е и урнат. Неексплодирана муниција на полјанката има уште. Таа засега лежи во водата, која од потокот не престанува да дотечува .
По експлозијата
Сликите од Битола по гаснењето на пожарот потсеќаат на оние за време на ПСВ, па така по катастрофата следело пребројување на жртвите и штетите, се барале виновниците и следела повторна изградба на градот.
Според весникот Политика (24.04.1922) бројот на загинати како последица на експлозиите бил 11, од кои 5 војници и 6 цивили (3 мажи и 3 жени). Бројот на повредени бил околу 70, што може да се рече дека е и зачудувачки мала бројка во град кој во тој период броел околу 30.000 жители. Може да се рече дека тоа се должи пред се на искуството кое населението го стекнало за време на бомбардирањето во Првата светска војна. Интересно е дека, веќе другиот ден веста за експлозијата одекнала и кај голем број на странски медиуми, кои веројатно цитирајќи еден ист извор, објавиле далеку повисока бројка на жртви.

Биле формирани повеќе комисии за проценка на штетите, а и една централна, која ги сумирала општите оценки. Главната комисија ја сочинувале: Петар Лукиќ, Драган Пауновиќ, Мика Илиќ, Јован Д. Нале, Теодорос Ароести, Киро Лозанчевиќ, Ванчо Црвенковиќ, Петар Лешњаревиќ, Омер беј, Тома Крстиќ, Садула Изедин, Александар Алтипармаковиќ и епископот Јосиф, кој бил и нејзин претседател. Материјалната штета на почетокот била проценета на 70 милиони динари, а покасно се намалила на 50 милиони [1]. Според весникот Југославија од Љубљана (29.04.1922) [6] уништената муниција била со вредност од 150 милиони динари.
За настраданите од експлозијата биле организирани неколку акции за собирање на помош, т.е во тогашна СХС до крајот на 1922 г. биле собрани 281.997 динари, југословенските иселеници во САД преку здружението „Свесна Србадија” собрале 15.885 дин, научникот Михајло Пупин донирал 4.115 динари [7], а донации пристигнале и од Здружението „Српски сестри”, Загрепскиот весник „Покрет”, Народниот женски сојуз на СХС, Весникот „Политика” и др. Од владата на тогашната СХС во два наврати биле донирани вкупно 4 милиони динари, или вкупно за населението на Битола биле собрани 8,130.997.85 динари, кои биле разделени на 1.065 семејства.
Голем дел од јавноста го поставувала и прашањето за виновниците.
Во однос на директниот причинител, во дел од весниците веќе другиот ден по експлозијата одекнала веста дека причинители се двајца комити од Бугарија, кои наводно фрлиле рачна бомба во магацините [8]. Покасно, една од комисиите излегла со соопштение дека причинител на несреќата бил војникот Иван Травиќ, кој удирал со чекан по гранатата која прва експлодирала, и кој за чудо ја преживеал експлозијата [9]. Само дел од весниците го отвараат прашањето за одговорност од страна на официјалните власти, но како минувало времето се заборавило и на тоа.
Во Битола каде сеуште не беа заборавени големите штети и разурнувања од војните, покрај материјалната штета и повредите на луѓето, експлозијата имаше негативно влијание и врз стопанскиот развој.
Со поставувањето на границата кон Грција по Балканските војни, се изгубија голем дел од трговските врски и Битола остана на периферијата на тогашната СХС, без добра сообраќајна поврзаност и можност за брзо опоравување. Како и многуте несреќи претходно, набрзо се заборавила и големата експлозија и животот продолжил по старо. Водата од Курдерес со која се изгаснал пожарот, го поплавила делот околу касарните, а со тоа и дел од гранатите останале под земја, што не значи дека исчезнала и опасноста од нив. И ден денес, чести се случаите кога при извршување на градежни работи во Градскиот парк, се наоѓаат остатоци од Првата светска војна.
Користена литература
[1] Записи за злосреќи, Автор: Александар Стерјовски, издавач: Заедница на Срби во Македонија, Битола 2012 г, ISBN – 978-608-65452-0-8
[2] Straža – Neodvisen Političen List za Slovensko Ljudstvo, Maribor, 26.04.1922
[3] Време Белград – Година II – Број 121 – 21.04.1922
[4] Политика, Белград – 21.04.1922
[5] Политика, Белград – 26.04.1922
[6] Jugoslavija, Ljubljana 29.04.1922
[7] Битола: дејството на основните фактори врз општествено-економскиот развиток : (докторска дисертација), 1971 г, Автор: Трајче Грујоски
[8] Jugoslavija, Ljubljana 20.04.1922 / Jutro, Ljubljana 20.04.1922
[9] Straža – Neodvisen Političen List za Slovensko Ljudstvo, Maribor 05.05.1922
[10] „Битола низ стари разгледници“ автор: Димче Најдов