Матична и универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски” – Битола

Bitola, Macedonia
  • Ул. Ленинова бр. 39 7000 Битола
  • тел: 047/ 220 208; 220 515
  • факс: 047/ 220 515
  • е-пошта: nuubbt@uklo.edu.mk
  • Веб страна: https://www.nuubbt.uklo.edu.mk

Во Битола, со векови, се негувала традицијата кон книгата. Постојат податоци дека првата османлиска библиотека на Балканот е создадена токму во Битола, во 1434/35 г. Еврејската заедница во Битола е формирана по 1492 г., а веќе во 1496 г. таа формира значаен книжевен центар, но и богати библиотеки, во двете големи синагоги Арагон и Пертугез.

Постојат податоци дека во 1847 г. изгорела богатата грчка библиотека, најбогата по атинската, сместена во денешното ОУ “Гоце Делчев“. Покрај неа, имало и богата влашка библиотека.
Во XIX век била формирана и првата француска библиотека, во францускиот конзулат.
Првото читалиште во Битола е отворено во 1860 г. Во 1881 г. на иницијатива на младината на Битола, повторно се отвора читалиште што го носи името Просвештение.
Библиотеката во Битола го менувала своето име некоку пати.

Од 1945 до 1947 г. е Градска народна библиотека, од 1947 до 1952 е Библиотека при Домот на културата, од 1960 со првиот Закон за библиотеките оваа библиотека прераснува во Матична до 1980, а од 1980 г. Матична и универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски“ Битола.
Посебна улога во развојот на библиотеката како културна институција е постојаната грижа на нашето општество за културниот развој на најмладите генерации, која придонесе за основање на Детска библиотека на 06.02.1955 год.

Во 1957 год. за прв пат во составот на библиотеката започнаа да функционираат и реонските библиотеки-клонови кои во времето на своето постоење одиграле значајна улога не само како библиотечни туку и како важни културни катчиња за збогатување на културно забавниот живот во реоните на градот и поразвиените селски населби.

Денес во составот на МУБ “Св. Климент Охридски“ функционираат само 6 реонски библиотеки.
Во 1961 год. започнува со работа и подвижната библиотека како нова, современа и според досегашните сознанија, доста успешна форма на приближување на книгата до непосредниот корисник.

Библиотеката располага со околу 400.000 библиотечни единици од различни научни области и на повеќе јазици.

Во библиотечниот фонд спаѓаат:

  • книги (монографски публикации)
  • сериски публикации (весници, списанија, годишници, зборници, билтени)
  • дробен печат (плакати, рекламен материјал, адресари)
  • некнижен фонд.