„Султанот Мехмед V Решат се знае беше познат пијаница и многу дрчен во јадењето. Само да намириса некакво јадење, веднаш лиги му протекувале.
Кога бил во Битола на една од своите прошетки со пајтоно поминал и преку Ленски мост. А таму наредени еден до друг битолските мезеџии.
Главите ги нурнале до земја од страв.
Од калајлисаните сании пред нив се шири ли се шири миризба – убајна, умрен да посака да проба.
Го прашува везиро шо бил до него шо е тоа шо мириса толку убоо.
– А – а, тоа, честити царе, е од мезето што го продаваат овие шо се покрај мостот, со тоа се храни сиромаштијата.
Не е за секој.
Се прави од црева, од бел и црн џигер, чкембе и др.
– А можи да се проба?
– Како не можи?!
Веднаш! – скока везиро и право кај мезеџиите.
Гледа де во еден де во друг за да види кој е најчист, а тие гнаса. Гледа, гледа и најпосле му вели на еден:
– Дај, сечи од најдоброто парче!
Клај го и во леб!
Мезеџијата се треси, вади половина сомун, го сечи наполу и во средината реди малку ширден, малку црн џигер, малку од другите работи и врз сето тоа тура софт, буковска пипер и други мирудии и му го подава.
Везирот го граба и трча кон пајтоно. Му го дава на султанот, а тој како цела недела да бил гладен, го голта ли го голта, вчас го снема.
– О – о, чок, чок ѓузел! – коментира радосно.
Везирот, кој сметал да се препорача, ветува:
– Честити царе, утре ќе напрајме теферич, ќе го викнам најдобриот мезеџија и ќе јајме најдобро мезе шо е напрајно во Битола.
Речено – сторено.
Се распраша кој е најдобар мајстор и го капариле за теферичот во Кисела Вода.
Кутрио мезеџија цела вечер чистел. Ги миел и ги преврќал цревата, чкембињата, дробовите и другите додатоци. Другото утро уште рано – рано со кола со казанот и со дрвата право во Кисела Вода.
Кога дојдоа гостите – веќе беше се готово. Целиот во бели и чисти алишта чека наредба. Везирот му дава знак, а овој го носи мезето првин она за султано, а после и на другите. Сите чекаат султанот да проба, па да почнат и тие, како шо е редо.
Султанот каснува.
Каснува уште еднаш.
Ја врти главата и вели:
– Јок, ова не е како вчера! .
– Шо напрај, бре ќопек, скока везиро, нели ти реков да прајш мезе за султан?!
Мајсторо се треси како лист и се брани:
– Честити везире, напрајв како шо требаше и го правев максус за султан, цела ноќ го чистев со жената, трунка не остајвме нечистотија.
Кога прајме за овие нашите, тогаш само неколкупати во Драгоро, кај Кланицата, прајме тапа-туп, го плетиме, го пикаме в тенџере и го носиме на фурна.
Ќе да му ја извајфме софта зато изгледа не е вкусно!”
Текстот е извадок од книгата „Реката Драгор“, автор Александар Стеровски, издавач: НУУБ „Св. Климент Охридски – Битола“ – Анегдоти поврзани со Реката Драгор, Битола 2009 година