Во минатото, реките биле сигурен извор на вода, храна и природни ресурси, поради што луѓето отсекогаш биле привлечени да се населуваат покрај нивните брегови. Водата обезбедувала долгорочна одржливост на населбите и им овозможувала тие да растат и да се развиваат. На тој начин и градот Битола се оформува и се развива околу реката Драгор, која денес е препознаена како еден од симболите на градот.
Реката Драгор настанува од спојот на две помали реки – Диовска и Братиндолска – кои ги собираат водите од повеќе планински водотеци на падините на Баба Планина. Низ градското подрачје на Битола, Драгор тече во должина од околу 4,5 километри, додека вкупната должина на реката, до местото каде што се влива во Црна Река, изнесува приближно 25 километри. Количеството на вода во реката варира и е тесно поврзано со сезонските врнежи и подземните води.
Во горниот тек, Драгор има карактеристики на планинска река, додека во долниот дел се претвора во рамничарска. Благодарение на оваа разновидност, во различните делови на реката се развила специфична флора и фауна. Во повисоките делови може да се сретне и автохтоната Пелистерска пастрмка, еден од природните бисери на регионот.
Името Драгор е најстарото и најчесто користено име за реката. Според зачуваните историски документи, тоа за првпат се спомнува во 1636 година. Постојат повеќе толкувања за потеклото на името, но најраспространето е верувањето дека реката го добила името по словенското племе Драговити, кое извесен период живеело во овие краишта.
Сè до средината на 19 век, водотекот на реката Драгор бил нерегулиран и променлив. Реката создавала бројни блатишта, кои биле извор на зарази, а честите излевања на надојдената вода предизвикувале големи материјални штети и загуби на човечки животи. Процесот на регулирање на речното корито, особено во централното градско подрачје, траел неколку децении. Овие зафати овозможиле оформување на прави и широки улици, кејови, дуќани, куќи и слободни пазари, кои го обликувале современиот изглед на градот.
Во делот околу Црн Мост се формирала елитната резиденцијална населба Бејлерхане, позната и како Беговска населба. Подолу по течението, сè до Мостот кај Безистенот, се развила живата Дембел Чаршија, каде што се отворале бројни кафеани и чајџилници, претворајќи го овој простор во важен социјален и трговски центар на Битола.

