Во Српските воени гробишта во Битола собрани се посмртни останки на голем број војници загинати во борбите за освојување на Битола. На ова боиште загинале 3200 српски војници и офицери. Покрај нив во овие гробишта се погребани и дел од загинатите во Првата светска војна.
Српските воени гробишта се наоѓаат во јужниот дел од Битола како продолжение на т.н. Буковски православни гробишта. Во нив има подигнати и одделни надгробни споменици од метал со иста форма и големина, како и заеднички споменик на загинатите војници од 1912-1918 година со Спомен – костурница. Во гробиштата има и дваесетина надгробни споменици изработени од камен кои им се посветени на умрените војници по Првата светска војна, погребани во овие гробишта. Поодделно, метални надгробни обележја во гробиштата има за преку 1320 погребани војници.
Заедничкиот – централен споменик е во форма на крст.
Костурницата се наоѓа под целата површина на Споменикот со природно плато. Во неа се сместени посмртни останки од загинатите српски војници во околината на Битола, почнувајќи од грчката граница во правец на Кајмакчалан, како и во правец на Охрид и Прилеп.
Во Костурницата се влегува од задната страна на Споменикот.
Ѕидањето на Спомен – костурницата почна во 1926 год. според планот на архитектот Момир Коруновиќ.