Извадок од книгата: „Македонија во делата на странските патописци 1827 – 1849“
Подготвил Александар Матковски / Издавач: Мисла Скопје, 1992 г. / ISBN 86-15-00224-4
„Откако слегов околу девет и пол часот во големата рамнина на Битола — Монастир (воен центар и главен град на Македонија и Северна Албанија) можеа да се видат бели минариња, големи згради и градини. Со нашето приближување, градот изгледаше како да се протега долж високите планини на чие подножје е изграден.
Овде бевме испрашувани од еден службеник кој, што се однесува до пасошите, изгледаше задоволен и рече; „Овој е англиски благајник, сите англиски патници доаѓаат секогаш во ова време на Исток” и ние продолживме понатаму. На источната страна од градот се гледа едно пасиште кое служи за гробишта и каде се собираат безброј кучиња кои тука лежат по групи од десет или дваесет, се додека градската чистота не им донесе наутро и навечер нешто за јадење.
Битола има не помалку од 40 до 50 илјади жители и тој град за овие далечни провинции претставува надмоќност, јасно оправдана по својата активност и просперитет. Ова е место со голема важност бидејќи располага со директниот влез од Илирија кон Македонија, преку премините на реката Дрим, а истовремено е и воен центар за кој се заинтересирани Епир и Тесалија.
Се надевавме, како и во поранешниот случај, за време на ова патување, дека сјајот и убавината на околината ќе биде заменета во градот со нечистота и пустош, но бев пријатно изненаден од големината на зградите, бараките и канцелариите при влезот на градот како и од широките и добро поплочените улици, па и од чистотата на куќите. Пазарите беа крајно убави, некои наполно покриени и осветлени со прозорци, други само делумно заштитени или полупокриени со рогозини прострени на дрвени столбови.
Битола е постојано место на прогонство за побунетите бегови. Евреи има доста. Како центар на сите воени операции поврзани со Северна и Јужна Албанија, Тесалија, Македонија и Босна, активноста и сјајот на Битола се доста значајни и ефектот посебно фрапира кога ќе се пристигне тука, како што направив јас откако поминав низ една дива и слабо населена територија. Сепак, брзо ќе бидете изненадени од цивилизацијата што сте ја напуштиле засекогаш: стражари, музичари, паши, палата и стражарници, турканици и безредие од трговските стоки кои се среќаваат на секој агол.“
Прилог – цртежи од Едвард Лир направени при неговата посета на Битола