Битолските касарни – Црвена и Бела

Црвената и дел од Белата касарна во Битола

Во историјата на Битола посебно место заземаат познатите Црвена и Бела касарна, кои се наоѓале на местото на денешниот Градски парк, Спортска сала и Стадион.

Од десно кон лево - Бела, Црвена касарна и горе лево - Воено училиште (денес Музеј Битола)
Од десно кон лево – Бела, Црвена касарна и горе лево – Воено училиште (денес Музеј Битола)

Црвената касарна за пешадијата била изградена во 1837/38 година, кога гувернер и командант во Битола бил Ќосе Ахмет Паша. Архитект на објектот бил Стојан Везенков, кој за добро завршената задача, добил одликување од султанот и бил назначен за званичен турски архитект.

Изградбата почнала во 1837 година и според Мехмед Тефик 1, во градбата учествувале сите граѓани на Битола:

Кога Црвената касарна била градена, сите мајстори од Битола и од нејзината околина биле повикани во Битола и постојано биле ангажирани во изградбата на споменатата касарна. Сите жители на Битола биле натерани да носат камења, земја, дрвена граѓа и останати материјали потребни за ѕидање. Споменатиот Ахмед-паша, пак, од една кула што наредил да биде изградена на средина на споменатата касарна, со пушка карабина во рацете лично им се заканувал на мајсторите кои не работеле како што треба. Се чини дека многу од ваквите мајстори биле убиени од Ахмед-паша. И навистина, благодарение на постојаните напори на исплашените мајстори и население на Битола, како и поради заканите на Ахмед-паша, во рок од шест месеци била изградена и комплетирана оваа касарна со придружните објекти, чиј капацитет изнесува осум батаљони војска.

Кратко време по завршувањето на Црвената касарна почнала изградбата на Белата касарна за коњицата и артилеријата. Истата била завршена во 1844 година. Во близина на овие две касарни во 1845 година била изградена и Воената академија која и денес постои и во која е сместен Музејот во Битола, а каде од 1895 до 1899 се школувал Мустафа Кемал Ататурк – таткото на модерна Турција.

Дел од Црвената касарна (лево) и Военото училиште (десно) споредено со истата локација денес
Дел од Црвената касарна (лево) и Военото училиште (десно) споредено со истата локација денес

 

Белата касарна - споредено со истата локација денес
Белата касарна – споредено со истата локација денес

Според одредени извори во овие две касарни и придружните објекти можело да се смести околу 30.000 војска.
За време на Првата светска војна, Битола била бомбардирана во период од околу две години и голем дел од градот, како и двете касарни биле тешко оштетени. По војната, може да се каже дека со материјалот од овие два објекти, биле обновени многу други во тогаш разрушената Битола.

Црвената и Белата касарна се опеани во една од најпознатите народни песни од Битола:

Сношти поминав, заминав покрај битолските касарни

Сношти поминав заминав
покрај битолските касарни
бен сени северим, чок сени северим
покрај битолските касарни.

Сите момчиња там’ беа
само мој’то момче не беше
бен сени северим, чок сени северим
само мојто либе не беше.

Стори ме Боже престори
едно сиво голабче
бен сени северим, чок сени северим
едно сиво голабче.

Да летнам Боже прелетнам
на рамо да му застанам
бен сени северим, чок сени северим
на рамо да му застанам.

На рамо да му застанам
до две-три думи да прозборам
бен сени северим, чок сени северим
до две-три думи да прозборам.

1 Историја на Битолскиот вилает “ – Мехмед Тефик