HomeЛокацииКуќата на Елени Каринте – романтична битолска легенда поврзана со Мустафа Кемал...

Куќата на Елени Каринте – романтична битолска легенда поврзана со Мустафа Кемал Ататурк
К

Битола, градот на конзулите, офицерите и младите соништа, крие една од своите најромантични и најмистериозни приказни – легендата за наводната љубов на младиот Мустафа Кемал Ататурк.


* Насловната фотографија е генерирана со помош на вештачка интелегенција и не е вистинска. До денешен ден не е пронајдена фотографија од Елени Каринте.


Според усното предание што со децении се пренесува меѓу битолчани, Мустафа Кемал, тогаш млад кадет во Военото училиште во Битола, секојдневно поминувал по Широк Сокак – срцето на градот. Токму таму, на еден балкон во близина на главната улица, ја здогледал Елени Каринте, убава девојка, тивка и достоинствена, која од својот дом го набљудувала градскиот живот.

Легендата вели дека нивните погледи често се сретнувале – без зборови и без допири, но со силна, тивка емоција. Балконот станал симбол на една невозможна љубов, родена во време на големи историски превирања, културни разлики и строги општествени норми. За младиот Кемал, Битола не била само воен и образовен центар, туку и град во кој ги доживеал своите први силни чувства.

Иако не постојат официјални историски документи што директно ја потврдуваат оваа приказна, токму нејзината недокажаност ѝ дава посебен шарм. Таа живее како дел од колективната меморија на градот – спој на историја, романтика и легенда, кој и денес ги привлекува љубителите на приказни со душа.

The oldest posed photo of Mustafa Kemal Ataturk, presumably when he was 18-20 years old
Најстара позната фотографија од Мустафа Кемал Ататурк. Се претпоставува дека на фотографијата има околу 18-20 години

Денес, посетителите на Битола со љубопитност застануваат куќата на Елени Каринте, обидувајќи се да го замислат моментот во кој младиот кадет и девојката зад оградата се сретнале со поглед – миг што времето никогаш целосно не го избришало.

Еден балкон од куќата на Елени, тогаш гледал директно кон Воената академија во која учел Мустафа Кемал, создавајќи симболична визуелна врска меѓу двајцата млади. Денес, тој поглед повеќе не е возможен поради новоизградениот објект од десната страна.

Куќата во која живеела Елени Каринте
Куќата во која живеела Елени Каринте (The house where Eleni Karinte lived)

Дополнителна мистерија на легендата ѝ дава и едно писмо, чие потекло не е целосно утврдено, но во кое, според содржината, Елени ги изразува своите длабоки и искрени чувства кон Кемал. Тоа писмо, без разлика дали е историски факт или дел од народното предание, останува уште еден тивок доказ за љубовта што засекогаш се движи меѓу историјата и митот.

Токму ваквите приказни ја прават Битола не само град на историјата, туку и град на тивки љубови и вечни легенди.

До Кемал Ататурк, некаде и некогаш !

Поминаа толку години, а јас сеуште, секој ден, чекам абер од тебе. Ако некогаш го добиеш ова писмо, сети се и види ги солзите на хартијата. Годините си врват, овде сешто се зборува за тебе, нешто се случува.

Ако го читаш писмово додека љубиш друга жена, искини го и прашај ја дали верува дека некоја си Елени Каринте од Битола, го потрошила цел живот за човек со кого била само еден ден ?

А, ако ја љубиш неа, како што јас те љубам тебе, не и кажувај ништо, нека биде среќна како што си ти !

Ако пак сеуште ја паметиш девојката од балконот и не љубиш друга, знај дека те чекам и дека ќе те чекам цел живот !

Знам дека ќе се вратиш, дека не си ме заборавил.

Татко ми умре.

Има цела година од оној ден од кога ме грабна од тебе, ме заклучи дома и не ме пушти цел месец. Не плачев, знаев дека џабе му се сите катанци и затвори. Човекот со кој тој сакаше да се венчам го видов само еднаш и ме праша дали ќе можам да го љубам ?

А јас му реков: “Не, јас си го љубам првото либе!” И повеќе не го видов. Татко ми никогаш не ми прости, а ни јас нему. Не сум веќе млада и убава како тогаш…..

Цел живот во еден ден!

Вечно ќе те сака и секогаш ќе те чека твојата Елени Каринте.

Mustafa Kemal Ataturk Museum Bitola Macedonia

Спомен соба на Мустафа Кемал Ататурк во НУ Завод и музеј Битола

Save

Don't miss

Don't miss