Како се роди песната „Битола, мој роден крај”

Ајри Демировски со оркестарот на радио „Битола“ во 1950 година
Ајри Демировски со оркестарот на радио „Битола“ во 1950 година

Извадок од публикацијата „Ајри Демировски – Битола мој роден крај“ / Издавач: Општина Битола, Уредник и автор на текст: Менде Младеновски, Битола 2008 г


Тоа утро, во 1944 година беше како многу други септемвриски утра, кои Ајри ги поминуваше во Загреб, каде, како млад и надежен младинец и како единствен битолчанец во Графичката школа во Загреб го изучуваше графичкиот занает.
Додека така, се уште нерассонет и мамурен, ги триеше своите очи од немирниот сон, низ прозорецот на неговиот мемлив стан светна еден сончев зрак, што го погали неговото лице.

Наеднаш го обзеде топлина и некое пријатно чувство, измешано со тага.
Мислите веднаш му одлетаа во далечната Битола, во неговиот роден град, градот од кој, таа година, првпат на подолго време се раздели.

Доволен беше само еден топол сончев зрак во магловитиот Загреб да го разгали лицето на Ајри и да го врати него со мислите во неговата сончева Битола. Подготвувајќи се да замине во Графичката школа во Загреб каде навлегуваше во тајните на графичкиот занает, Ајри, како по навика, го пушти радиото кое постојано беше наместено на фреквенцијата на Радио Загреб. Во еден момент нешто како да го стегна во грлото. Малку подоцна му затрепери срцето. На брановите на Радио Загреб слушна една песна за градот Загреб. Одеднаш се тргна. Откако се изми и се најде себеси од неговиот кошмарен сон, седна на масата да појадува.

Слушајќи ги така звуците на песната за Загреб, Ајри се фати за моливот и почна да запишува.

Ајри Демировски во деновите кога го изучуваше графичкиот занает во Загреб
Ајри Демировски во деновите кога го изучуваше графичкиот занает во Загреб

Со мислите се врати во Битола, на својот Широк Сокак, каде што уште како млад го изучуваше берберскиот занает. На еден лист хартија ги запиша првите стихови за Битола. Чувствувајќи се осамен како никогаш дотогаш и полн со емоции со мислите се врати во Битола. Во месеците поминати во Загреб долго време кога шеташе низ загрепските улици мислите секогаш му се враќаа на сокаците во Битола, покрај неговиот берберски дуќан, неговите другари, комшии, спомени.

Оддеднаш тоа септемвриско утро сфати дека Битола е само една, дека Битола е неговиот град, кој неизмерно го сака и без кој буквално не може. Во магловитиот Загреб таа љубов стана исконска.

Иако во тие години не беше често отсутен од Битола, сепак, дури кога стигна во Загреб сфати дека без Битола не може. Мислите сами по себе си редеа, а стиховите сами се пишуваа. Ниту прошетките низ убавата Пула, прекрасната Риека не го сменија неговото расположение..

Така тоа септемвриско утро во градот Загреб се роди песната “Битола, мој роден крај” која го прослави Ајри Демировски и која ја овековечи Битола. Тоа утро се роди песната која денес, децении потоа, се пее насекаде во светот. Така се роди песната која подоцна по изборот на љубителите на музиката на Битола стана песна на векот. Песна која со ист вознес и восхит ја пеат и старите, и младите, и децата на Битола, и младите во Белград, возрасните во Загреб, Сараево, Њујорк, Сиднеј, Мелбурн, Измир, Истанбул… насекаде во светот.

Тогаш, кога тоа септемвриско утро во магловитиот Загреб, во далечната Хрватска, Ајри ја напиша песната „Битола, мој роден крај”, тој самиот ни на сон не сонуваше дека ова песна ќе стане толку популарна. Тој неа ја напиша како што ги напиша и сите други песни, со срцето, кое со неизмерна љубов го сака својот град, град во кој ја помина младоста, но и град кој го направи вечен.

Но кога во 1950 година, Ајри за првпат со оркестарот на Радио Битола, на една прослава што се одржа пред Народниот театар ја испеа оваа песна, народот веднаш ја прифати.

Ајри Демировски со оркестарот на радио „Битола“ во 1950 година
Ајри Демировски со оркестарот на радио „Битола“ во 1950 година

– Се сеќавам како да беше вчера, во Битола имаше една градска прослава. Свеченоста се одржуваше пред Народниот театар. Јас требаше да настапам и во еден момент го замолив директорот на Радио Битола, Ацо Станковиќ да настапам со песната „Битола, мој роден крај”, која, откако ја напишав во Загреб, ја пеев само во душата, а не јавно – се сеќава Ајри.

Откако директорот Станковиќ се согласи со мојот предлог јас за првпат ја испеав пред битолчани, кои на моја радост и среќа ја прифатија со воодушевување и веќе од истиот ден почнаа да ја пеат насекаде.

Од тој момент таа стана хит, се сеќава денеска Ајри Демировски. Слушателите на Радио Битола постојано неа ја бараа.

Но, како што оваа песна ги правеше среќни и весели битолчани, истата песна ја пееаја и во друтите градови. Најпрво во соседните места, потоа во Белград, Загреб, Љубљана, Сараево. Таа се пееше насекаде. Со исто воодушевување и љубов ја пееја сите, и млади и стари. Таа се роди случајно, а остана да живее вечно.

Битола мој роден крај - слика од нотен запис
БИТОЛА МОЈ РОДЕН КРАЈ
Битола, мој роден крај
Во тебе сум роден
За мене си рај.

Битола, мој роден крај
Јас те сакам
Од срце знај.

Битола, мој роден крај
За тебе пеам
Од срце знај.

Многу градови, села пројдов
Како тебе мил за мене
Нигде не најдов.

Е роден крај
Кој би можел
Збогум да ти рече
Да не заплаче.


„Битола, мој роден крај“ во изведба на Кевсер Селимова и Ѓорѓи Желчески