Извадок од книгата – „Битола Калеидоскоп“, автор: Александар Стерјовски, издавач: Конзулат на Република Србија во Република Македонија, Битола 2017 г / Оригинален наслов: Костимирани забави
Почнувајќи од 30-те години на минатиот век, во некои од градските зимски забави, се вовела симпатична новина, посетителите да се претстават во народни носии или забавата да има облежје на маскембал. Мотивот бил едноставен — напуштање на изживеаниот и здодевен стереотип, оттаму и лозунгот: „Доста е од поранешните забави. Публиката сака разновидност“. Меѓу првите, на 19 февруари 1933 год., во Струга, во организација на здружението „Јадранска стража”, во салата на основното училиште, била доживеана една таква новина, костимирана забава. Била вистинска атракција, во која учество зеле, не само стружани, туку и гости од Охрид и Битола.
Набргу ваквите забави се прошириле и во други градови од Македонија.
Во Битола, еден од главените аниматори на новинава станал мошне активниот „Француско-југословенски клуб”. Организатор бил и на првиот бал во народни носии, кој го собрал интелектуалниот свет од градот и одреден број претставници од локалната власт. Се одржал во првата половина на март 1934 год. во репрезентативната сала на Офицерскиот дом. Имал хуманитарна цел, средствата се планирале за невработените работници. Учество зеле: Ѓорѓе Аранѓеловиќ, командант на дивизијата, генерал; Илија Димитријевиќ, окружен инспектор; Милоје Момчиловиќ; претседателот на битолската општина, Атанасије Сотировиќ; Коста Мекси, албанскиот конзул со сопругата, италијанскиот конзул Гузепо Моруци со сопругата; школскиот инспектор Јован Ничота со сопругата; претседателот на здружението „Јадранска стража” адвокатот Миленко Дивац со сопругата; директорот на Битолската гимназија, Јован Продановиќ, со сопругата и многу други.
Презентираните костими биле и народни и лични креации. Од народните внимание привлекле: „Смилевка” на г-ѓа Божиновиќ, „Црногорка” на г-ца Лепосава Пандиќ, „Воденка” на г-ца Јелена Константиновиќ, „Византиски национален костим” на г-ца Зора Николиќ, како и костимите: „Словенечка”, „Хрватска”, „Србијанка” и др. Од другите интересни станале оние на г-ѓа Аранѓеловиќ, која се претстави како маркиза; на г-ѓа Дивац и г-ца Стана Пауновиќ, кои дошле како Италијанки; па костимот на г-ин Ч. Јовановиќ во улога на Мефисто; на Симе Филиповиќ – демон; Ж Мајсторовиќ – барабанџија од времето на Луј; Бојаџијевиќ астроном; на г-ца Наде Врајковиќ – Шпањолка; г-ца Ине Стојановиќ – маркиза; господин Грезо – османлија; г-ца Марика Замаули – љубичица; г-ца Анѓелија Кошевалијевиќ – Кармен; г-ца В. Савиќ, мис на Битола, кое предизвикало многу смеа. Како атрактивни се оцениле и уште неколку други.
Дописникот на скопскиот дневен весник „Вардар”, кој го следел настанов, запиша: „Балот под електрично осветлување личел на живописен етнографски музеј на убави костими од сите краишта на нашата држава”.
Забавава завршила во утринските часови другиот ден со богата лотарија.
Слична забава, истиот „Француско-југословенски клуб” организирал и на 7 март 1936 год.
Година или две пред Втората светска војна, била организирана забава и со сини и црвени вратоврски. Според бојата на вратоврската на партнерот, требало да биде и бојата на марамчето на партнерката. Условите за присуство предвреме и ударно на голем плакат биле истакнати пред влезот на ресторанот „Босна”, каде и се одржувала истата.
Забави во народни носии се случувале и за време бугарската управа.
Една, во организација на офицерите на Битолскиот гарнизон и на Дирекцијата за национална пропаганда, се одржала на 3 март 1943 год. Најуспешни народни носии, кои добиле и награди, биле на: г-ѓа Славка Иванова (смилевска носија), на г-ѓа Фани Соколова (невестинска битолска носија) и на г-ца Вера Нерезова (галичка носија). Истовремено, додека траела забавата, во една во соседните простории, била организирана и продажна изложба на ракотворби и облеки, изработени од ученичките на професионалното училиште.
Веселбата на високо ниво успешно ја одржала воената музика.
„Кралица на забавата”
Слични на костимираните, биле забавите на кои се избирала „кралица на забавата”. И тие биле обид за напуштање на клишето и привлекување поголем број посетители.
Една од првите била онаа од 3 февруари 1923 год., која беше ја организирала Битолската трговска и занаетчиска младина. Салата на Основното училиште „Св. Сава” (денес ОУ „Гоце Делчев”) била оценета како најпогодна и искористена, зашто била најпространа, но и традиционална за вакви забави. Организаторите беа се потрудиле вкусно да ја уредат со пиротски килими, да има ред и мир за целото време и за таа цел ангажирале поголем број редари – младинци, кои дежурале во групи при влезот, покрај гардеробата, кај касата, во бифето, особено во салата. Имало и посебен режисер, кој се грижел за почитување на редоследот на ороводачите, зашто искуството укажувало на чести расправии и незадоволства во врска со него. Воената музика на 46 пешадиски полк, на чело со диригентот Јосип Свобода, ја имала задачата да ги развеселува гостите.
Според обичајот, и на оваа забава, првин бил одржан краток говор од претседателот на Здружението, потоа оркестарот ја отсвирил државната химна, по што следела мала музичка програма, во која посебно внимание привлекла композицијата „Пурпури од Вардар”, дело на диригентот.
Пред да почне бучната веселба со ора имало мала пауза, во која се случил и изборот на „Кралица на забавата”. За кралицата гласале мажите, кои имале право само на еден глас, кој се регистрирал на посебен картон, добиен при влезот. Со 24 гласа за кралица била избрана г-ца Василика, ќерка на Петар Ставриќ, бербер од Битола. Сериозен противкандидат и била г-цата Силвија, ќерка на Ментеш Коломонос, сараф од Битола, која добила 23 гласа. Победничката била поздравена и од претседателот на Здружението и и бил доделен пригоден дар.
Потем следела веселбата, која продолжила до утринските часови.
Најубава девојка („мис на кермесот”) се избирала и во годините што следат. Еден таков, организиран од Аероклубот во Битола, се случил на 3 јули 1938 год. во бавчата на Офицерскиот дом. Бил од затворен тип, наменет само за членовите на клубот. Првин имало богата културно-уметничка програма, а изборот на „мисот”, кој се очекувал со посебен интерес, се случил на крајот од забавата.
„Кралици на забавата” се избирале и во други градови на Македонија. Г-цата Надежда Децановиќ, на пример, ја понесла титулата на подофицерската забава во Кичево, одржана на 11 август 1934 год. итн.