Малиот воз во Битола и станицата за Прилеп

Битола; “Станица за Прилеп”

Извадок од книгата „Малиот воз во западна Македонија“, автор: Димче Најдов, Торонто, Канада, Март, 2017 / ISBN 978-608-245-229-6


.  .  .
Продолжувајќи на југо-запад од Прилеп по пругата од 60 см. малиот воз пристигнува во Битола. Битола е крајна станица од овој колосек од 60 см. Овој дел од пругата за време на војната бил изграден до селото Беранци во близина на Битола. Но, одма по завршување на војната пругата била продолжена до Битола и на 5 Јуни 1919 година и оваа делница била пуштена за патнички сообраќај.

Битола; “Станица за Прилеп”
Битола; “Станица за Прилеп”

Градот Битола уште во 1895 година бил поврзан со градот Солун со железничка пруга од нормален колосек. Така и во Битола како и во Прилеп, постоеле две железнички станици. Една за нормалниот колосек, која постои и е во употреба и денес, и една за 60 см. Колосек, која се наоѓала помеѓу улиците Кременичка и Канинска.(денес Ари Ангелковски и Тушин) За разлика од Градско-Прилеп овој терен од Прилеп до Битола бил претежно рамен со минимална висинска разлика од неколку метри и врвел низ обработлива земја, па самата изградба на оваа делница била брза и лесна.

Дрвен мост на Црна Река
Дрвен мост на Црна Река

На неколку карти на кои е прикажан овој дел од Прилеп до Битола различно се прикажани железничките станици помеѓу овие два града. Но, заедно од сите карти станиците од Прилеп до Битола биле следните: Алинци, Тополчани, Лознани, Вашерејца, Беранци, Света Недела кај Битола и крајна станица Битола. Меѓу станиците Тополчани и Лознани пругата преку дрвен мост ја преминувала реката Црна.

Железничката станица од нормалниот колосек од Битола за Солун носела име само “Битола”, или солунска станица, додека железничката станица од малиот воз носела име:”Станица за Прилеп”., или прилепска станица. Точната локација на оваа станица била на југо-источниот дел од градот блиску до денешната железничка станица, како што се гледа од долната карта.

Карта од југо-источниот дел од град Битола од 1920/25 год со двете железнички станици
Карта од југо-источниот дел од град Битола од 1920/25 год со двете железнички станици
Дел од пругата од Прилеп до селото Лознани преку Алинци и Тополчани.
Дел од пругата од Прилеп до селото Лознани преку Алинци и Тополчани.
Дел од пругата од селото Лознани до Света Недела и Битола, преку селата Вашерејца и Беранци.
Дел од пругата од селото Лознани до Света Недела и Битола, преку селата Вашерејца и Беранци.
Фотографија од малиот воз-”Монастир-Градско Експрес” снимен некаде меѓу овие две станици. Фотографијата е од 1923 година а автор на истата е: Margaret Masson Hasluck University Collage London, United Kingdom
Фотографија од малиот воз-”Монастир-Градско Експрес” снимен некаде меѓу овие две станици. Фотографијата е од 1923 година а автор на истата е: Margaret Masson Hasluck University Collage London, United Kingdom

Станицата за малиот воз од Прилеп била лоцирана измеѓу денешните улици Ари Ангеловски и Тушин, и западно од улицата Никола Тесла. Денес на ова место постојат повеќе стамбени објекти, изградени после укинувањето на 60 см. пруга и изградбата на пругата за Прилеп од нормален колосек. Станицата кај Света Недела е прикажана на сликата долу.

Насловот на ова фотографија е “Железничка станица Битољ” направена од битолскиот фотограф Тома Нацковиќ некаде во триесеттите години од минатиот век; група граѓани од Србија допатувале во Битола, по повод прославата од пробивањето на македонскиот фронт и почит на паднатите војници на Кајмакчалан и Добро Поле.
Насловот на ова фотографија е “Железничка станица Битољ” направена од битолскиот фотограф Тома Нацковиќ некаде во триесеттите години од минатиот век; група граѓани од Србија допатувале во Битола, по повод прославата од пробивањето на македонскиот фронт и почит на паднатите војници на Кајмакчалан и Добро Поле.

Со изградба на пругата од нормален колосек од Битола за Прилеп во 1931 година оваа пруга била демонтирана. Малку покасно, односно во 1936 година изградена е, и пуштена во сообраќај пруга од нормален колосек од Прилеп до Велес преку Бабуна. Пругата од 60 см. од Прилеп до Градско веќе во 1949 година била демонтирана.
Во списанието “Железнички Венац” број 6 од 1936 година стои следниот напис за пругата Градско-Прилеп:

“Пругата Градско-Прилеп која сега се напушта, била долга само 91 км. Дека на неа во текот на годините се работеше, усовршуваше, подобруваше колку што беше можно се гледа најдобро по скратувањето на времето на возење, односно зголемување на брзината. Во 1922 година на ова делница со брз воз кој застанувал само 9 пати на станиците се патувало 8 саати и 44 минути, односно со просечна брзина од 10,5 км/час. Во 1926 година немало повеќе брз воз, само со редовен патнички воз кој застанувал на сите станици, вкупно 11 застанувања, а возењето траело 7 часа и 53 минути, односно брзината се зголемила на 11,5 км/саат. Во последно време ова растојание можело да се помини за само 7 часа и 5 минути, т.е брзината се зголемила на 13.0 км/час. Ако се земе во обзир дека локомотивата морала често да застанува за вода од 3 до 5 минути, се гледа дека максималната брзина на возот била 15 км/час, а на места каде пругата била добра и до 20км/час.”

Но, и покрај сите овие подобрувања малиот воз, или како прилепчани го нарекувале “Пампурче” морал да биде заменет со понов, побрз и многу поудобен воз од нормален колосек, кој сообраќал на оваа релација од Битола преку Прилеп за Велес и понатаму.
Денес останати се само спомените и некои делови од трасата каде поминувал. Особено видливи траги има на делот од Дреново до Прилеп во карпестиот терен од оваа делница. Овој мал воз гордо отиде во пензија после долгата работа кога на тој дел од Македонија немаше доволно патишта за нормален патен сообраќај. Тој беше врска на селата помеѓу Градско и Прилеп, исто како и малиот воз од Кичево до Охрид и Струга.

Видливи остатоци од трасата на пругата од 60 см. од Градско до Прилеп во пределотДреново-Тројаци.
Видливи остатоци од трасата на пругата од 60 см. од Градско до Прилеп во пределотДреново-Тројаци.