Александар Аркадиевич Ростковски (18.10.1860, Одеса – 08.08.1903, Битола) бил руски конзул во Битола од 1895 до 1903 год. Неговото име често може да се сретне во македонската историографија, како заштитник на обесправеното македонско население. Бил близок пријател со Крсте Петков Мисирков, а едно од омилените места за одмор му бил Буковски манастир во близина на Битола.
Александар Аркадиевич Ростковски
На 8ми август 1903 година за време на Илинденското востание, конзулот Ростковски, враќајќи се со пајтон заедно со Крсте Петков Мисирков од манастирот во с. Буково, минале покрај турската стража која стоела на влезот во Битола. Турските стражари не го поздравиле конзулот иако тој бил парадно облечен. Незадоволен од тоа, Конзулот слегол од пајтонот и протестирајќи им се обратил со погрдни зборови на стражарите, а според некои извори дури и удрил еден од нив. По ова, стражарот пукал и го усмртил Конзулот.
Александар Аркадиевич Ростковски неколку дена покасно бил погребан во Солун, а Руската Империја жестоко реагирала на овој настан.
Погреб на Александар Аркадиевич Ростковски во Солун
Стражарите кои го убиле биле осудени на смрт, а бил сменет и валијата Али-Риза паша кој бил пратен во егзил во Либија.
Битола – 1916/17 година – Руски војници оддаваат почит пред спомен обележјето каде бил убиен конзулот Александар Аркадиевич Ростковски
На местото каде се случило убиството постоело помало спомен обележје до 1936 година кога бил подигнат споменикот „Руски крст“. Овој споменик бил разрушен по Втората светска војна и настаните со Информбирото.
Споменик Руски крст поставен 1936 година
Денешниот споменик е подигнат на 8 август 2003 година.