- ПРЕЗЕМЕНО ОД КНИГАТА: БИТОЛА – УРБАНО – ГЕОГРАФСКИ РАЗВОЈ
АВТОР: Μ-Р НИКОЛА Β. ДИМИТРОВ
ДРУШТВО ЗА НАУКА И УМЕТНОСТ БИТОЛА, 1998 Г.
ISBN 9989-628-33-5 - Насловна фотографија – цртеж од Едвард Лир изработен 1848 г.
Bo голем број случаи во долгата и богата историја на Битола не може да се следи бројната и демографска структура на населението, додека пак, за претходницата на Битола, Хераклеа Линкестис, немаме никаков податок за бројот на жителите во градот.
Меѓутоа, благодарение на она што досега е откриено и врз основа на археолошки факти, на мислење сме дека Хераклеја Линкестис во античкиот период (периодот на Стара Македонија) била населба која имала максимум три илјади жители. Во најголемиот свој процут за време на Римското Царство, кога и добил статус на civitas – град, броела 6.000 жители (заедно со своето предградие), од кои само во делот од градот обградени со ѕид дел имал до 2.000 жители.
Во византискиот период Битола била рангирана и како cstrum (тврдина) или civitas (град), која броела не помалку од 1,5 до 3.000 жители, a со предградието, можеби, и нешто повеќе.
Бројот на жителите во градот од XI до XIV век, по се изгледа, бил во мал пораст. Стоиме на претпоставката дека во тој период градот, заедно со своето предградие, броел од 3.000 максимум 5.000 жители,
Првите статистички податоци за Битола датираат од турскиот период.
Првиот званичен турски попис кажува дека Битола во 1468 година имала 295 муслимански, 160 христијански семејства, 10 не женети и 15 вдовици, или вкупно 480 семејства со 2345 жители, од кои 1475 муслимании 870 христијани.
Сите биле распоредени во вкупно 7 маали од кои шест муслимански и
едно христијанско маало. ‘
Следниот пописен турски дефтер за градот Битола и битолската нахија е
од 1481 година. Според него Битола имала 398 муслимански и 222 христијански семејства, или вкупно 620 семејства со 3.100 жители, од кои 1990 муслимански и 1110 христијански жители, сите распоредени во 20 маали од кои 11 муслимански и 9 христиjански. ‘
Според пописот од 1519 година Битола имала вкупно 1086 семејства од кои 617 муслимански семејства, 139 неженети муслимани, потоа 236 христијански семејства, 39 неженети и 55 вдовици со свои семејства. Или според пресметка бројот на жителите бил 4663 лица, од кои 3224 муслимани и 1439 христијани.
Според опширниот пописен дефтер од 1528/29 година Битола имала вкупно 1081 домаќинства од кои: муслимански 627 и 170 неженети, 171 христијанско семејства, 8 неженети и 27 вдовички семејства. Исто така, за прв пат се регистрирани и посебни маали, заедници и тоа на Евреите и Ромите. Еврејски семејства имало 43, потоа 6 неженети и вдовици 5, а ромски 19 семејства и 5 неженети. Се претпоставува дека бројот на жителите изнесувал 4617 лица, од кои: 3305 муслимани, 972 христијани, 241 евреи и 100 роми. Сите распоредени во 32 маали, од кои 22 муслимански (турски), 10 христијански и по едно маало заедница еврејска и ромска.
Во 1544/45 година турските власти извршиле уште еден опширен попис. Градот во таа година имал вкупно 803 семејства (заедно со неженетите и вдовиците) со 3394 жители а битолската нахија имала 7110 семејства со околу 35.500 жители. Гледано поодделно муслимански семејства имало 388 и 92 неженети или вкупно 2032 муслимански жители; христијански семејства имало 180, 25 неженети и 5 вдовици или вкупно 945 христијански жители; еврејски семејства 60 и 27 неженети или вкупно 327 еврејски жители; и на крајот ромски семејства 16 на број и 10 неженети, со вкупно 90 роми. Сите распоредени во 23 муслимански, 13 христијански, една ромска маала и една еврејска заедница. Или вкупно 37 маали и една заедница. Овие маали биле претежно со помал број на куќи од 10 до над 20 куќи, додека името на маалото е земено според старешината на маалото или домаќинството.
* Имињата на муслиманските маала биле: Мехмед-спахија, Софта Хоџа, Емир, Бостанџи Заде, Караџа-бег, Димишки-бег, Хусеин-Субаши, Ново маало, Кара-табак, Касим Челеби, Кемал-бег, О опек-бег, фируз-Субаша, Јакуб-бег, Хајдар-бег, Насух-бег, Чауш Али-бег, Оглум Паша, Кара Оглан турбе, Ново маало – Бали-бег, Исак Челеби – второ име Ине-бег и Хаџи бег маало. Христијански маала биле: Којо Димо, Тодор Минчо – второ име “Лукач”, Рале Петко, Торник – второ име “Капче”, Пејо Никола – второ име “Поп Пејо”, Тодор Јанко, Петко Дапко, Доне, Данче Стојко – второ име “Калчо”, Грнчарите, Димишки-бег, Хасан-бег и Турбе – второ име Совта Хоџа. Ромското маало се викало Насредин.
Статистичките податоци на пописните дефтери од 1568 година за Битола ни даваат следни показатели: 618 муслимански семејства и 79 неженети, потоа 125 христијански семејства, 10 вдовици и 62 неженети, како и 285 еврејски семејства, 51 ромско семејство и 18 неженети, или вкупно 1248 семејства. Бројот на жителите бил како што следува: 3169 муслимани, 727 христијани, 1425 Евреи и 273 Роми, или вкупно 5594 жители, сите распоредени во 23 муслимански, 13 хрстијански и 2 ромски маала (Насредин и Хаци Абдул маало) и една еврејска заедница, или вкупно 38 маала и една заедница. Бројот на семејствата во битолската нахија изнесувал 7249 со околу 36.245 жители, распоредени во 173 села.
Постојат статистички податоци за Битола од крајот на XVI или почетокот на XVII век (точната дата на пописот не е утврдена поради оштетеноста на првите листови). Тогаш Битола броела 1.234 семејства од кои 614 муслимански, 71 неженети, потоа 133 христијански семејства, 56 неженети и 9 вдовици, како и 282 еврејски семејства, 52 ромски семејства и 17 неженети. Бројот на жителите се движел: 3.141 муслимани, 757 христијани, 1.410 Евреи и 277 Роми, што несомнено зборува дека во тој период, (а и во периодот на пописот од 1568 година) Битола била муслиманско – еврејски град. Сите семејства и жители биле распоредени во 24 муслимански маала, 11 христијански, 1 ромско маало и една еврејска заедница – општина.
Во сите горенаведени пописи забележуваме дека бројот на муслиманското население се зголемува за сметка на христијанското кое се намалува. На оваа констатација во прилог оди зголемената миграција на доселено турско население од Азија, потоа бегањето (во XV век) на христијанско население по селата, и се разбира, како најцврст аргумент е процесот на исламизацијата. Пример во 1468 година имало само 3 исламизирани христијани, во 1481 година 8, во 1528/29 година 75, во 1544/45 година 123, во 1568 година 236, за кон крајот на XVI-от век овој број да се зголеми на 248 исламизирани христијански семејства. Тоа значи дека секое трето муслиманско семејство е исламизирано христијанско семејство.
Во 1591 година венецијанскиот пратеник Лоренцо Бернардо, патувајќи низ Македонија забележал дека Битола има 1.500 куќи од кои 200 се еврејски. Градот во тоа време, веројатно броел околу 6.000 жители.
Познатиот турски патописец Евлија Челебија при посетата на Битола од
1662 година забележал дека градот има околу 3.000 мали и големи куќи од кои 900 дукани. Градот во тоа време би можел да брои од 8 до 10.000 жители.
А според други извори, во 1690 година Битола броела над 6.000 жители. ‘
Според битолските кадиски сицили од 1718 година дознаваме дека градот имал 10 до 12.000 жители и станал седиште на румелијскиот валија.
Според Анастасиус де Параскович, Битола во 1783 година броела околу 30.000 жители, а според францускиот конзул во Солун, Феликс де Бо’ур, Битола во 1797 година имала, 10 до 12.000 жители.
Пуквиљ ни дава податок дека Битола во 1805 година имала 15.000 жители.
Bo еден извор од 1805 година за Битола стои дека имала 6.240 куќи, од кои 2.500 се словено македонски, 2.000 турски, 1.000 цинцарски (влашки), 500 еврејски и 240 цигански (ромски). Според друг непознат француски извор од 1807 година се спомнува бројка од 8000 жители. Според наши размислувања и процени, двата бројчани извори, иако временски доста блиски сепак, бројчано се крајно контрадикторни, па затоа не можеме да ги земеме како точни. Имено, само бројката за куќите одговара на состојбата од средината или крајот на XIX век, а евентуалниот број од над 30.000 жители одговара на средината од XIX век. Вториот пак податок е речиси половина помал од претпоставките.
Кон понапред изнесеното оди во прилог картата на европска Турција од
Р. Вилкинсон издадена во Лондон во 1818 година каде за големината на Битола според бројноста на жителите е забележан податок во износ од 15.000 жители.
Меѓутоа, во изнесеното, мора да има доза на неточност, бидејќи во овој период се појавуваат разни заразни болести, епидемии, пожари, миграциони движења, воени судирања, потоа реформи во стопанскиот живот и друго, кои можат да доведат до разни промени во демографското движење на населението. Токму заради овие неколку забелешки можни се и контрадикторни податоци како за бројот на населението така и за бројот на куќите.
За дваесетите години на XIX век немаме податок за бројот на населението и куќите во Битола. Но, според податоците што ги изнесовме за стопанскиот растеж, може да се заклучи дека растел и бројот на жителите.
Веќе во триесеттите години имаме неколку бројчани податоци. Така, Битола во 1835 година имала 6600 куќи, со околу 40 000 жители.
Според патеписецот Ами Буе кој низ Македонија пропатувал во 1836/38 година, Битола имала 40.000 жители, а заедно со околината дури и до 76.000 жители, од кои 35.000 христијани. Според други автори, во истата година, Битола броела од 33 до 37.000 жители.
Милер тврди дека во 1838 година Битола има не повеќе од 35.170 жители, (од 33-34.000 жители). Според него во Битола имало 17.000 мухамеданци, разделени на 8.000 Албанци, 5.800 Македонци и 2.400 Азијатски Турци (подразбирајќи го тука и гарнизонот) од кои 5.000 жени, потоа, 12.500 православни христијани, меѓу кои 9.000 Македонци, 3.500 Грци и 700 Власи, 1.200 католички Албанци, 1400 Евреи и повеќе од 2.000 Роми.
Во 1839 година познатиот виенски ботаничар проф Аугуст Гризебах ја посетил Битола и за неа рекол и дека има 36.000 жители.
* А. Гризебах се искачил и на Пелистер, откривајќи ја моликата (pimus раисе)и докажал дека се работи за ендемно растение.
Една година покасно, 1840 година Битола била посетена и од Ј.Г.А. Галети кој ни дава податок за 40.000 жители.
Рускиот патеписец В. Григориевиќ, кој пропатувал низ Битола во 1842/43 година, забележал дека градот имал 40.000 жители.
Англискиот патописец Едвард Леар кој низ Битола пропатувал во 1848 година, забележал дека бројот на жителите изнесувал не помалку од 40 до 50.000 жители. При престојот во Битола Леар направил и неколку цртежи на делови од градот.
Речиси низ целиот XIX век Битола во повеќе наврати страда од разни заразни болести, како и од катастрофални пожари, што секако имале влијание и врз бројот на жителите, така што, во извештаите од разните личности за тоа време се јавуваат и поодделни колебања во бројот на жителите. Во повеќето случаеви проценките за бројот на жители се давани и врз физичкиот изглед, бројот на куќите, односно големината – површината на градот и градскиот атар, и се разбира врз стопанскиот развиток (бројот на дуќани, занаетчии, пазари, трговци и слично). Важно е да напоменеме дека постојат и точни податоци, а тоа се официјалните извори од турските власти или од конзулатските извештаи. Сепак, речиси, сите податоци за бројот на жителите во градот се движат од 30.000 до 50.000 жители.
Во 1852 година Ѕон А. Лонгворт, англиски конзул во Битола, во својот извештај наведува дека градот има околу 3.000 куќи и 30.000 жители.
Австриски пак извори во педесеттите години, за Битола изнесуваат податок од 50.000 жители.
Во 1856 година францускиот конзул во Битола, Белег де Бига ни дава по-
даток од 46.000 жители кои 25.000 муслимани, 17.000 христијани, 3.000 Евреи
и 1.000 Цигани (Роми). Според еден друг податок, Битола во 1859 година броела 45.000 жители.
X. Барт вели дека Битола во 1864 година брои 40.000 жители.
Убав опис за Битола ни оставил рускиот патеписец Е. Тимаев кој во градот престојувал во 1865 година и вели дека има 35.000 жители од кои 16.000 христијани, 11.000 Турци, 5.000 Евреи и 2.000 Цигани (Роми).
Според Ј.Г. Хан Битола во 1865 година броела 34.000 жители.
Иста бројка е наведена и за 1870 година.
Јанаки Стрезов ни дава податок дека Битола во 1880 година броела 26.800
жители од кои 6.000 муслимани, 17.000 Македонци, 1.000 Роми и 2.800 Власи.
Според друг извор за истата година, Битола броела 28.300 жители.
Во 1889 година Стефан Верковиќ запишал дека Битола имала 28.427 жители од кои 13.499 Македонци (и тоа 6.889 мажи и 6.680 жени, сите распоредени во 2.106 македонски куќи), а потоа, 8.563 Власи (4.329 мажи, 4.234 жени, распоредени во 1.308 влашки куки) и 6.365 муслимани.
Според Васил К’нчов во истата 1889 година Битола броела 34.257 жители додека пак турскиот статистички попис од 1889 година ни дава податок дека градот имал 31.257 жители со 5.394 куќи за живеење.
Далеку понереален податок ни дава Спиридон Гопчевиќ кој во Битола пре-
стојувал во 1889 година и меѓу другото запишал дека Битола има 50.050 жители од кои најбројни се: Македонците со 20.000 жители, потоа следат Власите 11.000, Албанците 9.000, Османлиите (Турците) 4.000, Евреите 4.000, Ромите 2.000 и Грците 50.
Шаренилото на националната структура на населението во овие, а и во другите податоци за населението во Битола, во најдобар дел, се должат на соседните пропаганди. Овие пропаганди, најчесто се користат со необјективни преценети или потценети статистички податоци, злоупотребувајќи ги за своите хегемонистички аспирации и цели, за присоединување на Македонија, Македонскиот народ, a со тоа и на Битола кон нивните големи држави. Заради тоа Македонците ги запишувале како Бугари, Срби, а покасно и како Грци. Исто се случува и со другото население во Битола кога неговиот број се зголемува или намалува во зависност од целта на пропагандата.
Едно, со сигурност, се забележува, а тоа е дека од средината на XIX век Битола е македонско-турски, односно македонско-влашки град, а потоа следат Евреи, Роми, Албанци, Грци и други.
Во Зборникот за народни умотворби, науки и книжнина, книга IV издадена во Софија 1891 година, стои дека Битола имала вкупно 31.257 жители, од кои: Македонци до 9.500, муслимани 8.500-9.000, Власи до 6.500, Евреи 5.048 Албанци и Роми до 1.500, Грци 75-100, Ерменци 20-25 и туѓи поданици.
Во 1892 година Карло Мелиа забележал дека Битола имала 42.000 жители. Во 1894 година Битола броела околу 50.000 жители, а според еден грчки податок Битола во 1896 година имала 45.000 жители од кои 22.500 христијани и 22.500 муслимани, Евреи и други.
Поточни, односно по објективни и со помали исклучоци поцелосни статистички податоци за Битола и Битолско за 1897 година, ни даваат Г.С. Блант (британски вицеконзул во Битола) и Август Крал (австро-унгарски вицеконзул во Битола).
Така, според Г.С.Блант, Битола во 1897 година вкупно имала 31.260 жители од кои 5.500 Словени-Македонци (православни) и 2.500 Словени – Македонци (мешани), 7.990 Албанци Геги), 7.500 Турци, 4.270 Евреи и 3.500 Власи, сите распоредени во 5.399 куќи. Според Август Крал, Битола броела 34.260 жители од кои 5.500 Словени-Македонци (егзархисти), 2.500 Словени-Македонци (патријаршисти), 7.990 Албанци (Геги), 7.500 Турци Османлии, 6.500 Власи и 4.270 Евреи. Сите сместени во 5.389 куќи.
Васил ‘Кнчов вели дека Битола во 1900 година броела 37.000 жители распоредени како што следува: 10.500 Турци, 10.000 Македонци, 7.000 Власи, 5.500 Евреи, 2.000 Роми, 1.500 Албанци и 500 разни.*
Во својата статистика за Битола од 1905 година Д.М. Бранков изнесува податок од 22.792 христијански жители и тоа: 15.252 Македонци, 7.200 Власи, 120 Албанци, 120 Роми и 100 Грци. Ако кон неговата статистика ги додадеме и пропуштените муслимани (Турци, Албанци, Роми) и Евреи, ќе добиеме (гледано според наши проценки) бројка за над 22.000 жители, Па така, вкупниот број на населението во Битола би се движел од над 45.000 жители.
* Васил ‘Кнчов, Д.М. Бранков, Македонците ги забележуваат како Бугари. Јован Хаџи Василевиќ, ги забележува како Срби.
Наведениот број речиси е потврден од страна на Maxeronx – Lexikon за 1906 година кој дава податок од околу 50.000 жители. За истиот период, според Јован Хаци Васиљевиќ, Битола имала 8.000 домови со над 45.000 жители, од кои македонски 3.000 домови, влашки 1.000, грчки 200 и албански и турски 3.800 домови. (Не е наведен никаков податок за еврејските домови).
Според грчка статистика градот во 1906 година имал вкупно 51.000 жители, од кои 25.000 христијани.
Во еден француски документ стои дека Битола во 1908 година имала 60.000 жители.
Друга, грчка статистика, наведува дека Битола во 1909 година имала 65.000 жители од кои 32.000 христијани.
Во 1910 година Битола броела 48.370 жители, а според државната статистика, во истата година имала 52.729 жители, распоредени во 17 маала, и тоа: Горно баир маало, Долно баир маало, Јени маало, Поп Марково или Салатиш маало, Ески мезир маало, Турско маало, Бела чешма маало, Рочка маало, Црквено маало, Четири-окна маало, Арнаут маало, Широк сокак маало, Казак Hem-Ma маало, Поешевско маало, Мечкар маало, Еврејско маало, Муацирско маало.
Во сите маали се помешани христијани и мухамеданци, само во Еврејско маало живеат непомешани Евреи и во Баир маало и Јени маало непомешани живеат Цигани (Роми). Народности во градот се: Македонци, Власи, Албанци, Турци, Евреи, Грци, Роми и по неколку фамилии: Ерменци, Персијци, Италијани, Французи и Германци. По окупацијата на Босна и Херцеговина во Битола се населуваат и 80 муслимански фамилии од Босна (мухаџири) како и од Бугарија и Србија, и го формираат маалото – Муаџир маало.
Според група грчки автори, градот во 1910/11 година броел 52.000 жители
од кои 13.000 Грци, 7.000 Македонци, 4.000 Евреи, 25.000 Турци и 3.000 разно друго население.
** Бројот на Грците е претеран и не е ни најмалку во рамките на реалноста.
Македонците се запишани како Бугари. На мислење сме дека во тоа време бројот на македонците бил над 20.000 а во 3.000 разно друго население се: Ромите, Албанците, Грците и други, а додека Власите се испомешани во бројот со Грците и Македонците.
По календарот на органот “Вардар“ на колото на српските сестри, Битола во 1911 година броела 65.000 жители.
Јевто Дедиер, забележал податок дека Битола во 1911/12 година броела 48.370 жители, распоредени во 24 маали од кои најважни се: Клисе или Црквено маало (во кое се куќите на сите конзулати, сите банки, митрополија /грчка/, црквата Св. Димитрија, театарот, и повеќе училишта. Во ова маало живеат најповеќе Македонци и Власи); Потоа следи Рочка маало, (каде има училишта и митрополија /бугарска/. Тука живеат претежно Македонци). Во Мечкар маало, (пред две до три години биле скоро само градини. Ceгa е нов дел од градот и тука живеат Македонци). Во маалите: Емир Челеби, Салаташ, Доган, Кјучук, Шадрван и Бујук живеат помешани Турци и Албанци. Сите тие маали се од десната страна на р. Драгор, каде има најповеќе џамии. Во Јени маало и спрема црквата Св. Недела живеат градинари и ги има 3.000 од кои една третина од нив се старо население, а две третини го чинат новото население доселено пред 10-15 години. Одвоени и неизмешано живеат Евреи и Роми во Еврејската и Баир маала. На крајот од градот живеат босанските мухаџири.
1-13 Маалски станбени заедници / 1 Горен баир маало, 2 Долен баир маало, 3 Турски маала, (Емир Челеби, Салатиш, Доган, Кјучук Шадрван, Бујук, Ески мезир и други), 4 Клисе или Црквено маало, 5 Широк сокак, 6 Рочка маало, 7. Стара чаршија, 8. Еврејско маало, 9. Јени или ново маало и Бела чешма, 10 Мечкар маало и Поешевско маало, 11 Казак чешма, 12 Маџир маало, и 13 Арнаут маало.
Карта 8. Приближна локација и разместеност на маалските станбени заедници во периодот на крајот на XIX и почетокот на XX век
Реден број | Година Период | Извор на податокот | Број на жители |
1. | Антички период | Процена (се мисли на Хераклеја) | 1 – 3.000 |
2. | Римски период | Процена | 3 – 6.000 |
3. | Византиски период | Процена | 1,5 – 3.000 |
4. | Од XI – XIV век | процена | 3 – 5.000 |
5. | 1467/68 | Турски изворен податок Методија Соколовски | 2.345 |
6. | 1481 | исто | 3.100 |
7. | 1519 | исто | 4.663 |
8. | 1528/29 | исто | 4.617 |
9. | 1544/45 | исто | 3.394 |
10. | 1568 | исто | 5.594 |
11. | Крај на XVI и почеток на XVII век | исто | 5.585 |
12. | 1591 | Лоренцо Бернардо | 6.000 |
13. | 1661/62 | Евлија Челебија | 8 – 10.000 |
14. | 1690 | Борис Чипан | 6.000 |
15. | 1718 | Битолски кадиски сиџил 1 од 1718 бр 96 ЛИСТ 24 | 10 – 12.000 |
16. | 1783 | Анастасиус де Парасковиќ | 30.000 |
17. | 1797 | Феликс де Божур | 10 – 12.000 |
18. | Крај на XVIII и премин на XIX век | Пуквиљ | 15.000 |
19. | 1805 | Пуквиљ | 15.000 |
20. | 1805 | Непознат извор (Борис Ќоропановски) | 16.000 |
21. | 1807 | Непознат француски извор (Љубен Лапе) | 8.000 |
22. | 1818 | Р. Вилкинсон | 15.000 |
23. | 1835 | Ј. Г. Марковиќ | 40.000 |
24. | 1836/38 | Ами Буе | 40.000 |
25. | 1836 | Според непознат автор | 33 – 37.000 |
26. | 1838 | Милер | 35.170 |
27. | 1838 | Милер /Љубен Лапе/ | 33 – 34.000 |
28. | 1839 | А. Гризебах | 36.000 |
29. | 1840 | Ј.Г.А. Галети | 40.000 |
30. | 1842/43 | В. Григориевиќ | 40.000 |
31. | 1848 | Едвард Леар | 40 – 50.000 |
32. | 1852 | Џон А. Лонгворт | 30.000 |
33. | Педесеттите години на XIX век | Австриски извори | 50.000 |
34. | 1856 | Белег де Бига | 46.000 |
35. | 1859 | Непознат извор | 45.000 |
36. | 1864 | X. Барт | 40.000 |
37. | 1865 | Е. Тимаев | 35.000 |
38. | 1865 | Ј.Г Хан | 34.000 |
39. | 1870 | Борис Чипан-Владимир Точковски | 34.000 |
40. | 1880 | Јанаки Стрезов | 26.800 |
41. | 1880 | Ракопис народопис | 28.300 |
42. | 1889 | Турски статистички попис | 31.257 |
43. | 1889 | Васил К’нчов | 34.257 |
44. | 1889 | Спиридон Гопчевиќ | 50.050 |
45. | 1891 | Зборник на народни умотворби | 31.257 |
46. | 1892 | Карло Мелиа | 42.000 |
47. | 1894 | Трајче Грујоски | 50.000 |
48. | 1896 | Според грчки податок | 45.000 |
49. | 1897 | Г.С. Блант | 31.260 |
50. | 1897 | Август Крал | 34.260 |
51. | 1900 | Васил К’нчов | 37.000 |
52. | 1905 | Д.М. Бранков | 45.000 |
53. | 1906 | Јован Хаџи Валиљевиќ | 45.000 |
54. | 1906 | Мауерон – Лехсикон | 50.000 |
55. | 1906 | Според грчка статистика | 51.000 |
56. | 1908 | Според француски документи | 60.000 |
57. | 1909 | Грчка статистика | 65.000 |
58. | 1910 | Државна статистика | 48.370 |
59. | 1910/11 | Според грчки податок | 52.000 |
60 | 1910 | Турска државна статистика | 52.729 |
61. | 1911 | Календар на органот “Вардар” | 65.000 |
62. | 1911/12 | Јевто Дедиер | 48.370 |
63. | 1912 | Душан Г. Алимпиќ | 50.000 |
64. | Во почетокот на Првата светска војна | Крсте Битоски | 28.000 |
65. | Веднаш по Првата светска војна | Димитар Димитровски-Такец | 23.000 |
66. | 1921 | Државна статистика на Кралството СХС | 27.000 |
67. | 1929 | Статистички податок | 28.418 |
68. | 1931 | Државна статистика | 32.982 |
69. | 1937 | Атанасие Д. Младеновиќ | 33.024 |
70. | 1941 | С. Дрновски | 28.405 |
71. | 1948 | Попис на населението | 30.761 |
72. | 1953 | исто | 37.564 |
73. | 1961 | исто | 49.001 |
74. | 1971 | исто | 65.035 |
75. | 1981 | Попис на население | 78.507 |
76. | 1991 | Попис на население | 84.002 |
77. | 1994 | Попис на население | 74.464* |
78. | 2001 | Процена | 88.000-90.000 |
79. | 2011 | Прогноза | 98.000-100.000 |
80. | 2021 | Прогноза | 110.000-120.000 |
ПРЕЗЕМЕНО ОД КНИГАТА: БИТОЛА – УРБАНО – ГЕОГРАФСКИ РАЗВОЈ
АВТОР: Μ-Р НИКОЛА Β. ДИМИТРОВ
ДРУШТВО ЗА НАУКА И УМЕТНОСТ БИТОЛА, 1998 Г.
ISBN 9989-628-33-5