- Извадок од книгата: ЗНАЧАЈНИ ЛИЧНОСТИ ЗА БИТОЛА / Издавачи: НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, Општина Битола / БИТОЛА 2007
- Фотографија: Преспанско-пелагониска православна епархија…
Нектариј Битолски, преподобен (1430–1500), битолски светец, кој го спасил граѓанството од турските напади.
Крстеното име му било Никола. Роден бил 1430 г. во Битола, митрополија на Охридската архиепископија. Во младите години живеел во овој град, а последните години ги минал на Света Гора, молејќи се за животот, слогата, среќата и благосостојбата на своите сограѓани – битолчани и други христијани во Македонија.
Се упокоил на 5. XII 1500 г. Во православниот календар му е даден 5. XII или 18. XII по стар стил. Во неговото житие се вели дека со своите побожни родители живеел токму во времето кога Турците ја поробиле Битола. Пред тоа, на неговата мајка дошла на сон Божјата Мајка – Богородица која порачала да си ги земе мажот и децата, да замине од градот и да се засолни на некое место, зашто Агарјаните (се мисли на Турците) наскоро треба да го поробат сиот народ. Мајката сите овие работи ги кажала на мажа си и синот и тие веднаш го прибрале народот (од Битола) – децата, жените и нејаките старци и заминале од градот, додека мажите застанале пред градот да ги чекаат Турците со оружје. Турците го зазеле градот Битола и направиле пустош, колеж и зло.
Кога состојбата се смирила (кога немало повеќе борби) голем број христијански фамилии се вратиле назад. Таткото на Никола во поодминати години заминал во манастирот Кузман и Дамјан близу до Битола, се замонашил и добил име Пахомиј. Таму често одел Нектариј и ја учел христовата вера. Кога веќе пораснал младиот Никола тајно избегал на Света Гора Атонска. Таму го сретнал стариот Филотеј, кој по завршените молитви, го викнал и му ја покажал неговата видовитост.
Оттогаш Никола се замонашил и го добил името Нектариј Битолски. Поживеал доста и оттогаш тој станал заштитник на бракот и на плодноста кај народот. Катадневно тој се молел на Господа и Исуса Христа за здравјето и среќата на граѓаните на Битола. Нектариј поживеал доста на Света Гора Атоска. Се упокоил на 70 години, на 5. XII 1500 г. Кон него се молат верниците за: зацврстување на брачните врски посебно кај тие што му се разнишал бракот а да им го врати мирот, едномислието и разбирањето, во чистота и љубов, да го обрати расеаното срце на сопругот (сопругата) и да го откло ни од нечистиот пат… за да бидат едно тело и за други неволји – неродство, за среќа и за успех. Неговите свети мошти почиваат во келијата во Света Гора на Атос.