Здравствената култура на Битола низ вековите се развиваше под влијание на елинската, римската, византиската, словенската, исламската и другите цивилизации, доживувајќи низа осцилациии во развојот.
Со доаѓањето на Словените, дотогашната хипократова медицинска традиција и го отстапи местото на верската и народната медицина, по манастирските болници што се градеа во Македонија по примерот на Климентовата болница во Охрид од крајот на IX век. Во Битола надалеку била позната болницата во манастирот „Св. Врачи”, во која работел Варвара Охридски, во непосредна близина на денешното основно училиште „Стив Наумов”.
Со потпаѓањето на Битола под турско ропство настапува нова стагнација во развојот на здравството заради религиозното и судбоносното објаснување на болестите, од каде и произлегувало верувањето за бескорисноста од секоја борба со нив.
Во текот на XVI век во градот се отвора првата воена болница, лоцирана на местото на денешниот градски стадион, во која се лекувале само турски војници. Оваа болница неколку пати била преместувана и одново градена, се до 1885 година, кога Ахмед Ејуп Паша ја изградил последната, во која по ослободувањето беше сместена специјалната болница за туберкулоза.
Многубројните болести и епидемии кои царувале, го принудувале народот да бара лек во магијата, баењето, црквите и иконите или пак во со векови користената народна медицина.
Првата болница за сиромашното население во Битола била отворена кон крајот на XVIII век, во почетокот како азилска и социјална установа, за потоа да прерасне во голема и современа болничка установа. Во оваа болница „Благовештение” („Евангелизмос”), како и во воената болница, работеле повеќе лекари со завршени медицински студии во европските универзитетски центри.
ПРВАТА БОЛНИЦА ВО БИТОЛА (ХОСПИТАЛИЈЕ)
Кон крајот на XIX век, во времето на битолскиот валија Абдул Керим Паша, била изградена болница „Гурада Хаста Ханеси” наменета за лекување на сиромашното население, и две помали болници во нејзина близина, „Тимар Хане” и „Франги Хаста Ханеси”, наменети за душевните и кожно-венерични болни. Меѓутоа, сите овие цивилни болници престанале со работа по Првата светска војна, поради оштетувања од бомбардирањето на градот.
Во 1913 година била отворена Околиска болница во зградата на дотогашната егзархиска гимназија, во која по ослободувањето (1944) беше сместено гинеколошко-акушерското одделение на старата Битолска болница.
Малиот број на постелен фонд, кадровскиот недостаток и неадекватните услови за работа во болницата не можеле да ги задоволат нараснатите потреби на народот од здравствена заштита.
Српската власт во градот по Првата светска војна, вложувала извесни напори, но наследената лоша здравствена култура, мизерната економска состојба, а особено последиците од долгогодишната војна, не дозволувале брза санација. Затоа, акцентот бил ставен на превентивната медицинска дејност и борбата против маларијата и другите заразни болести. За таа цел во 1921/2 година била отворена постојана бактериолошка станица (која во 1927 година прераснала во Дом за народно здравје) со антималарична станица, детски и школски диспанзер, кожно-венерична амбуланта, хигиенска и санитарно-епидемиолошка лабораторија и др. На Пелистер бил отворен санаториум за туберкулозни деца, а во 1924 година и првата селска здравствена станица во с. Кременица, подоцна и во селата Ивањевци, Бач и Кажани.
Меѓутоа, организациските, финансиските, кадровските и просторните недостатоци, не дозволувале адекватен развој на амбулатно-поликлиничките, превентивните и болнички установи, а почетните мелиоративни зафати на Пелагониското блато имаа локален и привремен карактер, кој бил недоволен за искоренување на маларијата и другите заразни болести, а со тоа и за подобрување на здравствената состојба на народот.
По ослободувањето народната власт постепено посветува големи грижи за доброто организирање на здравствената служба и здравствената заштита на населението и покрај тоа што во почетокот постоеше голем недостиг на лекари и друг медицински персонал. До 1947 година во Битола постоеја следните здравствени установи: болница, бактериолошка станица, амбулантно-поликлиничка служба и општинска здравна амбуланта. Во овој период организационо се подобрува здравствената служба и здравствената заштита во градот и околијата во кадровска и превентивна смисла.
Во 1950 година се оснива Дом за народно здравје како централна превентивна амбулантно-поликлиничка установа за битолска околија, во чиј состав беа застапени повеќе амбуланти, детски диспанзер, антитуберкулозен диспанзер, забоздравствена служба, заботехничка лабораторија, општа лабораторија, хигиенска станица и друго.
Со формирањето на Домот за народно здрав-је, здравствената служба во Битола организационо и системно се средува, се подобрува состојбата со опрема и кадри, како и со отворање пунктови во селата, кои лекар ги опслужува еднаш неделно.
Општата болница, иако е сместена во стари, руинирани и ненаменски згради, постепено ги отвора скоро сите најважни одделенија и дава здравна заштита не само за Битола, туку и за соседните градови: Ресен, Охрид, Кичево, Струга, Демир Хисар, Крушево и други. Оваа институција истовремено служи како основа и за специјализација на нови лекари. Во зградата на поранешната воена болница (од времето на Кралството Југославија), која е адаптирана и реновирана, е формирана специјална болница за туберкулозни болни. Оваа институција, со својот карактер и опрема згрижува болни од Македонија и од други републики.
Во овој период се постигнати знатни резултати на раното откривање на туберкулозни болни, нивното брзо лекување и спречување на ширењето на туберкулозата. Маларијата, која со години пустошеше илјадници луѓе, ги онеспособуваше за сто-панска дејност подолго време, може да се рече дека е ликвидирана (ерадицирана). Заразните болести, кои беа стравотија за населението, особено за младите генерации, носители на најголема смртност, денеска се совладани, а некои искоренети благодарејќи на примената на заштитните вакцинации и ефикасната контрола.
Така, Битола во која беше познат едемскиот тифус, сега може да се рече дека е искоренет.
Од 1965 година постои поголема интензификација и динамичност во организацијата на здравствената заштита. Се повеќе се доаѓа до увереност дека уситнетата и разединетата здравствена служба не е во состојба да ги задоволи потребите на нашето општество. Во 1966 година се формира единствена здравствена институција – Медицински центар, со задача да обезбедува организирана здравствена заштита на територијата на целата Општина. Повеќегодишното искуство на ваквата организација даде видни резултати на полето на здравствената заштита на населението.
ЗГРАДАТА НА НОВАТА БОЛНИЦА ВО БИТОЛА
Со изградбата на новата болница како и со добивање на модерна опрема и апаратура, се удрија темелите за развиток на нови служби, се создадоа солидни услови за работа и лекување на болните.
АПАРАТ-ЛАСЕР ЗРАЦИ
КАРДИОВАСКУЛАРНА ДИЈАГНОСТИКА
ЕХОДИЈАГНОСТИКА
Современо опремените: коронарната единица при службата за внатрешни заболувања, отсекот за дијализа на тешки болни и модерно опременета уролошка служба, современата радиодијагностика, кабинетот за дијагностика со ултразвук, кабинетот за ласер-терапија како и современо опремените операциони сали на хируршките служби со модерна анестезиолошка служба, обезбедуваат гаранција за високодиференцирана здравна заштита.
Ваквата организација и современата апаратура како и стручно оспособениот кадар даде видни резултати на полето на здравствената заштита. Така детската смртност изнесува 24,4%, што претставува 50% помалку од републичкиот просек, а професионалниот трауматизам е во опаѓање.
Ваквиот развој и организација на здравствената заштита во услови на развивање на самоуправ-ните односи, дава гаранција за широки перспективи во развојот на Медицинскиот центар – Битола како врвна медицинска институција во целиот југозападен регион на СР Македонија.
Извадок од: