Вештачката акумулација Братин Дол се наоѓа веднаш до мото стазата и е една од омилените попатни станици на велосипедистите и планинарите кои рекреираат на овој дел од Општина Битола. Риболовците се исто така честа глетка, а при нашата посета имавме задоволство да се сретнеме и со пријателски настроените селани кои ја напасуваа стоката околу езерото.
Акумулацијата се наоѓа на околу 7 км од Битола, во близина на селото Братин Дол. До непосредна близина на акумулацијата се стигнува по асфалтниот пат кој продолжува после селото, а поради лошата состојба на земјениот пат, морате да продолжите пеш околу 300 метри.
Во минатото кога земјениот пат беше во подобра состојба и кога често се користеше мото стазата, ова место беше една од омилените пикник локации на битолчани.