Светскиот првак во шах Анатолиј Карпов во Битола – 12.10.1975 година

Анатолиј Евгениевич Карпов е роден на 23 мај 1951 во Златоуст, Русија и е советски и руски шахист, поранешен светски шампион во шах. Светски првак во шах станал веќе на 24 години во 1975 година, кога и ја посетува Битола. Титулата светски првак ја задржал до 1985 година, кога бил поразен од Гари Каспаров. По 1985 година, Карпов и понатаму бил еден од најдобрите светски шахисти, но постојано бил во сенка на Гари Каспаров. Подоцна, Карпов повторно станал светски првак во шах со победата над Јан Тиман, а титулата ја бранел два пати: во 1996 година против Гата Камски и во 1998 година против Вишванатан Ананд.


Извадок од Битолски весник – 15.10.1975
— ОД 25 ПАРТИИ КАРПОВ 19 РЕШИ ВО СВОЈА КОРИСТ, 2 ЗАГУБИ, А 4 РЕМИЗИРА. — СВЕТСКИОТ ШАХОВСКИ ПРВАК ГО ПОБЕДИЈА НИКОЛА МИХАЈЛОВСКИ И БЛАГОЈ ЈАНЕВСКИ

Гостувањето на светскиот шаховски првак, советскиот велемајстор Анатолиј Карпов, во нашиот град предизвика огромен интерес меѓу битолските љубители на древната шаховска игра. Салата на Домот на ЈНА, каде што Карпов играше против најдобрите битолски шахисти, беше до последно место исполнет уште неколку часа пред почетокот на мечот, а уште многумина битолчани останаа пред вратите на Домот на ЈНА.

Појавата на младиот светски првак во салата предизвика вистински бран на одушевување меѓу присутните, кои го поздравија со долготрајни аплаузи. Пред да почне мечот, познатиот битолски шаховски работник Јонче Сотировоки накусо се осврна за шаховските успеси кои Карпов го вивнаа до светската шаховска круна. Потоа сојузниот шаховски судија Пашко Франиќ дозволи мечот да отпочне.
Карпов се сретна, на 25 плочи, со шахисти од пет битолоки клубови. Мечот траеше речиси четири часа, а може да се рече дека светскиот првак беше, сепак дарежлив.

Имено, од 25 партии Карпов 19 реши во своја корист, 2 загуби и 4 ремизира.

Победи против светскиот првак извојуваа првокатегорникот Никола Михајловски и Благој Јаневски, а ремизираа: Борче Илиевски, Лилјана Најденова, Ристо Дамјановски и Цане Степановски. Четирите освоени поени против светскиот шаховски првак, бездруго, претставуеа добар успех на битолските шахисти.

Анатолиј Карпов во Битола