Крклино е село во Општина Битола, кое според пописот од 2002 година броело 611 жители. Денес овој број е далеку помал поради големото иселување кое го има зафатено ова село.
Според една легенда, името Крклино доаѓа по убавата мома Илина, која во околните села била позната под името Крклина.
Во село Крклино постои црква посветена на св. вмч. Тодор, црква Св. Богородица, а особено интересен е манастирот Св. Илија, сместен на височинка веднаш над селото.

Манастир Св. Илија
До манастирот води асфалтиран пат и тој е омилена локација за посета од страна на локалното население, пред се поради прекрасните панорами кои од ова место се отвараат кон Пелагонија и Пелистер.
Особено интересен во село Крклино е приватниот музеј – Филип, кој поседува вредна збирка на старини. Богатата колекција на автомобили, моторцикли, велосипеди, а воедно и тематски уредените градска, селска, турска и еврејска соба, се само мотив плус да го посетите овој музеј кој во многу погледи е уникатен.