Името на реката Курдерес доаѓа од турските зборови (kurt-deresi), што во превод значи „волчји поток“. Извирала од планината Баба и била спој од Брусничката, Лавчанската река и неколку помали потоци.
На постарите фотографии од Битола, може да се види дека во одредени периоди од годината, реката била полна со вода, особено во нејзиниот долен дел, пред да се влее во реката Драгор.
Реката Курдерес имала важна улога во заштитата на градот од поплави, кои биле честа појава во минатото. За време на Големата експлозија во 1922 година, може да се каже дека на некој начин реката Курдерес и го спасила градот (прочитајте повеќе…)
Со изградбата на доводниот собирен канал за Стрежевското Езеро, овие води биле регулирани и нејзиното корито ја изгубило својата функција.
Голем дел од годината каналот имал незначителна количина на вода и често пресушувал. Коритото станало отворен канал од кој се ширела неподнослива смрдеа и било извор на зарази особено во летниот период.
Така во 1975/1976 година била поставена канализација и било целосно затрупано коритото на реката Курдерес.
Денес реката не постои, а над нејзиното корито е улицата Солунска.
На местото каде улица Солунска се сечи со Широк Сокак, кога течела реката имало камен мост, па така таа локација и денес го носи тоа име.